Европа го поддржа Зеленски, потврдени новите состаноци со САД

Претседателот на Европскиот Совет Антонио Кошта, украинскиот лидер Володомир Зеленски и претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен

Претседателот на Европскиот Совет Антонио Кошта, украинскиот лидер Володомир Зеленски и претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен

Лидерите од цела Европа - со исклучок на Унгарија - застанаа покрај украинскиот претседател Володимир Зеленски на самитот, додека Украина и Соединетите Држави се согласија за понатамошен дијалог за ставање крај на војната со Русија.

Говорејќи на самитот во Брисел на 6 март, Зеленски ги повика европските лидери да извршат притисок врз Кремљ да ги запре воздушните и поморските напади врз Украина како чекор кон градење доверба и унапредување на преговорите за ставање крај на тригодишната војна.

„Сите мора да се погрижат Русија, како единствен извор на оваа војна, да ја прифати потребата да се прекине“, рече Зеленски на специјалниот самит на европските лидери во Брисел.

Подоцна, во објава на социјалните мрежи по средбата, тој додаде дека следната недела ќе отпатува за Саудиска Арабија, а потоа „мојот тим ќе остане во Саудиска Арабија и ќе работи со американските партнери“.

Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф потврди дека американската влада планира средба со украинските претставници во Саудиска Арабија. Тој рече дека напорите за координација се уште се во тек и дека разговорите може да се одржат во Ријад или Џеда.

„Но, мислам дека поголемата дискусија за нас е да постигнеме мировен договор“, им рече тој на новинарите.

Видете и ова: Зеленски им се заблагодари на лидерите на ЕУ за помошта и истакна дека Украинците „не се сами“

По кризните состаноци во Париз и Лондон, самитот се фокусираше на зголемување на трошоците за одбрана во Европа, откако САД ја прекинаа помошта за Украина и сигнализираа дека Европа мора да игра поголема улога во сопствената безбедност.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го отвори состанокот предупредувајќи дека „Европа се соочува со јасна и присутна опасност“, дополнително зголемувајќи ја потребата „да може да се заштити себеси, да се брани“.

„Ова е пресуден момент за Европа и за Украина како дел од нашето европско семејство“, додаде таа.

Видете и ова: Европските лидери се подготвуваат да објават одбранбен план од 800 милијарди евра

По повеќечасовни дискусии, Европскиот совет одобри изјава во која се вели дека руската агресивна војна против Украина и нејзините последици за европската и глобалната безбедност „претставуваат егзистенцијален предизвик за Европската Унија“.

„Во овој контекст, Европската Унија ќе ја забрза мобилизацијата на потребните инструменти и финансирање за зајакнување на безбедноста на Европската унија и заштитата на нашите граѓани“, се додава.

Документот, кој вклучува формулација што им овозможува на членовите фискална флексибилност за трошоците за одбрана и ја поддржува идејата членките да добиваат заеми поддржани од ЕУ до 150 милијарди евра (160 милијарди долари) за трошоци за нивните воени сили, беше одобрен од сите 27 членки на ЕУ, вклучително и Унгарија.

Претходно истиот ден, Будимпешта јасно стави до знаење дека нема да поддржи изјава за поддршка на Украина, иако Унгарија се согласи да ги зголеми трошоците за одбрана.

Собирот во четврток првпат беше најавен на 27-ми февруари, како одговор на брзите дипломатски случувања. Сепак, оттогаш, темпото дополнително се забрза по вербалниот судир меѓу Трамп и Зеленски во Овалната соба, по што Вашингтон ја замрзна воената помош за Украина.