Зеленски ја повика Европа да ја притисне Русија за прекин на огнот

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на самитот на ЕУ во Брисел, 6 март 2025 година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на самитот на ЕУ во Брисел, 6 март 2025 година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика европските лидери да извршат притисок врз Кремљ да ги запре воздушните и поморските напади врз Украина како чекор кон градење доверба и унапредување на преговорите за ставање крај на војната и подобрување на безбедноста низ Европа.

„Сите мора да се погрижат Русија, како единствен извор на оваа војна, да ја прифати потребата да се прекине“, рече Зеленски на специјалниот самит на европските лидери во Брисел денеска (6 март), според копија од неговиот говор до кој дојде Радио Слободна Европа.

„Ова може да се докаже со два облика на молк кои лесно може да се утврдат и да се следат, а тоа се: да нема напади врз енергетската и друга цивилна инфраструктура – прекин на огнот за ракети со долг дострел, бомби и дронови; и вторo, прекин на огнот на вода, што значи без воени операции во Црното Море“, додаде тој.

Видете и ова: Зеленски им се заблагодари на лидерите на ЕУ за помошта и истакна дека Украинците „не се сами“

По кризните состаноци во Париз и Лондон, самитот се фокусираше на планот од 800 милијарди евра (844 милијарди долари) за зајакнување на одбраната во Европа, откако САД ја прекинаа помошта за Украина и сигнализираа дека Европа мора да игра поголема улога во сопствената безбедност.

Денешниот (6 март) собир, првпат беше најавен на 27-ми февруари, како одговор на брзите дипломатски случувања. Сепак, оттогаш, темпото дополнително се забрза по тензичната средба Зеленски-Трамп- Ванс во Овалната соба на 28 февруари , по што Вашингтон ја замрзна воената помош за Украина.