И покрај инвестициите за реконструкција на електро-дистрибутивната мрежа во Арачиново и Сингелиќ, во овие региони граѓаните ја уништуваат опремата и диво се приклучуваат на мрежата што претставува кривично дело, велат од Електродистрибуција, пренесе МИА.
„Кражбите на електрична енергија во овие населби се над 50 отсто. Само во последните шест месеци има над 100 записници за кражби во присуство на МВР. Кај дел од потрошувачите како резултат на овие инвестиции за прв пат се отчитува точно потрошена електрична енергија“, велат од Електродистрибуција на новинарско прашање за протестите на граѓаните од Арачиново и Сингелиќ кои се незадоволни од сметките за струја.
Граѓани од Арачиново и Сингелиќ, организирани преку социјалните мрежи, денеска (6 март) излегоа на протест за да го искажат незадоволството од високите сметки за потрошена електрична енергија. Некои од нив велат дека месечните сметки им се движат од 35.000, па дури до 75.000 денари.
Видете и ова: КСОМ апелира власта да помогне за високите сметки за струјаOд Електродистрибуција потсетуваат дека секој корисник има право да побара корекција на фактура телефонски, преку е-пошта и во приемните канцеларии во Корисничките енерго центри на Електродистрибуција.
„Годинава бројот на барања за корекција на отчитани состојби во периодот од декември 2024 до јануари 2025 година е за 20 отсто помал отколку во периодот од декември 2023 до јануари 2024 година. Само 15 отсто од барањата за корекција беа основани и за нив е извршена корекција на фактурите“, прецизираат од Електродистрибуција.
Како што нагласуваат, ги отчитуваат броилата секој месец, иако согласно Правилата за снабдување, компанијата има законска обврска да отчитува еднаш на три месеци.