Јандроковиќ: Ја имате поддршката од Хрватска на патот кон ЕУ

Претседателот на хрватскиот Сабор Гордан Јандроковиќ и претседателот на македонското Собрание Африм Гаши, Скопје, 6 март 2025 година

Претседателот на хрватскиот Сабор Гордан Јандроковиќ и претседателот на македонското Собрание Африм Гаши, Скопје, 6 март 2025 година

Ја имате нашата поддршка и понатаму да истраете на евроинтегративниот пат и да ги решите препреките, добро е да се оствари сојузништво во рамки на НАТО и ЕУ, истакна претседателот на хрватскиот Сабор, Гордан Јандроковиќ на заедничка прес-конференција со претседателот на македонското Собрание Африм Гаши.

„Вие знаете дека Република Хрватска е силен поддржувач на Република Северна Македонија. Знам дека се соочувате со проблеми. Знам дека вашето членство во НАТО беше исполнето со препреки, и дека се уште се соочувате со одредени препреки кон патот на ЕУ. Можам да кажам дека членството во ЕУ има геополитичко значење. Тоа донесува сигурност. Се разбира, на тој пат вашата земја ќе мора да помине низ процес на реформи што е добро затоа што и Хрватска го помина тоа“, рече Јандроковиќ кој престојува во официјална посета на Скопје.

Ве охрабрувам, нагласи спикерот на хрватскиот Сабор, да продолжите на тој пат, да дадете се од себе затоа што тоа, како што рече, ќе биде во корист на државата.

„Реформите донесоа многу позитивни ефекти во општеството. Имаме инвестиции, зголемено ниво на вработеност. Имаме најпозитивни општествени промени. И затоа и ве охрабрувам да продолжите на тој пат да дадете се од себе затоа што тоа ќе биде во корист на државата. Ќе обезбеди подобра економија и подобар животен стандард. Без разлика на препреките и на пречките коишто се некогаш неправедни вие ја имате нашата поддршка на тој пат“, истакна тој.

Видете и ова: Зајакната соработка со Унгарија - утешна награда за бавната интеграција на Северна Македонија во ЕУ

Јандроковиќ потенцираше дека политичките односи меѓу нашите две држави се извонредни, исто како што е економската соработка бидејќи, како што рече, стоковата размена меѓу двете држави постојано расте.

Македонскиот спикер Гаши нагласи дека во фокусот на нивниот состанок било зајакнувањето на меѓупарламентарната соработка преку заедничките парламентарни групи кои се формирани во двата законодавни дома. Тој истакна дека размената на искуства, идеи и идентификацијата на полињата за соработка се клучни чекори во зајакнувањето на заедничките односи.

„Силно верувам дека Хрватска е примерот од кој можеме да научиме како да ги спроведеме реформите и интегративниот процес во ЕУ. Потсетувам дека двете земји во истата година го потпишаа Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ, а денес Хрватска веќе 12 години е полноправна членка, додека за жал, Северна Македонија заостанува во овој процес поради добро познатите пречки. Свесни сме дека има уште работа реформи што треба да се спроведат и прашања кои треба да се решат. Но со сојузници како Хрватска и другите од ЕУ веруваме дека овој процес ќе биде успешен за нас исто како што беше и за Хрватска“, рече спикерот Гаши.

Видете и ова: Кошта: ЕУ и е доверлив партнер на Молдавија

Оваа средба, како што потенцира Гаши, исто така била одлична можност да потврдиме дека сојузништвото со Хрватска е уште посилно преку соработката во рамките на НАТО каде што двете земји активно учествуваат во мисиите за зачувување на мирот и безбедноста, како заеднички демократски вредности.