Полска во средата соопшти дека депортира 17 грузиски мигранти како дел од ветувањето на премиерот Доналд Туск дека ќе ги спречи криминалните активности на мигрантите, јави агенцијата Франс прес (АФП).
Полската полиција тврди дека грузиските банди стојат зад неколку неодамнешни брутални злосторства, што ја направија миграцијата клучна тема и за претседателските избори во мај.
„Депортациите започнаа. Ги разбиваме грузиските банди“, напиша Туск на социјалната мрежа Икс.
Портпаролот на полската гранична полиција, Анджеј Јозвијак изјави дека 17-те грузиски граѓани биле вратени назад во нивната земја со воен авион.
„Сите беа мажи на возраст меѓу 24 и 58 години со криминална историја или лица кои беа во Полска без законски дозволи за престој. Ова е прва операција од ваков вид“, рече Јозвијак.
Видете и ова: По Унгарија, Полска на чело на ЕУТуск, чиј центристички табор се соочува со притисок од националистите пред претседателските избори во мај, минатиот месец најави серија рестриктивни мерки за мигрантите, вклучително и депортации.
Парламентот на Полска, исто така, усвои закон со кој се дозволува привремено суспендирање на правото на азил.
Владата објави план за укинување на одредени мерки за помош за украинските бегалци, кои пристигнаа во Полска во огромен број по руската инвазија на Украина во 2022 година.
Исто така, Полска се противи и на Новиот пакт на Европската унија за миграција и азил, тврдејќи дека тој ќе ги обврзе да примаат мигранти.