Откриен картел во осигурителниот бизнис

илустрација

илустрација

Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) утврди постоење на нов картел во Македонија, овојпат во осигурителниот бизнис.

„Постапувајќи по барање добиено од страна на Министерството за финансии на Република Северна Македонија, Комисијата започна постапка против 10 осигурителни компании во Македонија, заради постоење на основи на сомневање дека истите се здружиле во картел кој е директно на штета на граѓаните и стопанството во Македонија“, се наведува во соопштението на КЗК.

Како што објаснуваат, десетте осигурителни компании кои вршат услуги од областа на осигурувањето на територијата на Македонија, во април 2024 година, преку усогласено однесување ја зголемиле продажната цена на премијата/процентот за вршење на дејноста на осигурување (режиски додаток), што е дел од премијата за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица и задолжително се плаќа при регистрацијата на моторни возила.

Од Комисијата додаваат дека заради целосно документирање на случајот и покренување на соодветна прекршочна постапка против сторителите, Комисијата за заштита на конкуренцијата извршила низа увиди во службените простории на осигурителните компании, вклучително и увиди во нивната меѓусебна комуникација при што се пронајдени докази дека одлуката за зголемување на цените на премијата за автоодговорност е донесена како резултат на усогласено однесување – картел.

Против десетте осигурителни компании ќе бидат изречени казни, доколку по завршување на прекршочната постапка се потврди постоењето на прекршок.