Сијарто по средбата со Муцунски: Ние и Република Северна Македонија сме на страната на мирот

Унгарија - министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски(лево) и Петер Сијарто, министер за надворешни работи на Унгарија (десно), Будимпешта, 3 март 2025 година.

Унгарија ја поддржува Северна Македонија на патот кон зачленување во Европската унија (ЕУ), а и двете земји се за мир во Украина што го покажаа со поддршката на Резолуцијата на Соединетите Американски Држави (САД) во Обединетите Нации (ОН), рече унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, по средбата со македонскиот министер за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски на 3 март во Будимпешта.

„Ние и Република Северна Македонија сме на страната на мирот. Го поддржуваме претседателот Трамп и исто така успехот на американско-руските разговори бидејќи јасно гледаме дека мирот може да се постигне само преку американско-руски договор. Македонците и Унгарците сме заинтересирани за враќањето на мирот и тоа го покажува нашата соработка од минатата недела во ОН кога ја поддржавме Резолуцијата на САД. На крајот беше усвоен предлогот на САД“, рече Сијарто на заедничка прес-конференција.

Постојано слушаме дека одлуката за членство во ЕУ треба да биде заснована врз основа на заслуги и Унгарија се согласува со тоа, посочи Сијарто, нагласувајќи дека овој принцип треба да се применува кон сите.

„Не може да се смета за заслуга ако има несогласувања меѓу држава земја членка и земја кандидат. Како што видовте ние секогаш сме се залагале за полноправно членство на Република Северна Македонија во ЕУ и затоа го потпишавме овој денешен договор“, рече шефот на унгарската дипломатија.

Видете и ова: Владина делегација со премиерот Мицкоски на унгарско-македонски самит во Унгарија

Муцунски рече дека надворешната политика на земјава се базира на три константи: полноправно членство во НАТО, усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и стратешко партнерство со САД.

„Пред сѐ и над сѐ во тој контекст е македонскиот национален интерес, и затоа сето ова што го правиме, сите одлуки што ги носиме се вклопени во таа рамка и се усогласени со нашите национални интереси“, рече Муцунски.

Муцунски и Сијарто во Будимпешта потпишаа акциски план за размена на експертиза од страна на Унгарската дипломатска академија за јавни службеници на меѓусебно договорени теми за интеграција во ЕУ, процесите на администрацијата на Министерството за надворешни работи и надворешната трговска политика.

Владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски учествува на унгарско-македонскиот владин самит што денеска и утре (3 и 4 март) ќе се одржи во Република Унгарија.

Како што соопшти владината прес-служба, согласно агендата предвидени се тет-а-тет средба меѓу Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан. Во рамки на владиниот самит предвидено е да се одржат и билатерални средби меѓу ресорните министри на двете влади, по што ќе следи и заедничка седница на македонската и на унгарската влада.