Европските сојузници на Украина, кои утре (2 март) треба да се состанат во Лондон, му дадоа поддршка на украинскиот претседател Володимир Зеленски по неговиот тензичен состанок во Белата куќа со Доналд Трамп кој го обвини дека не е „подготвен“ за мир со Русија.
Зачудени од настанот во Овалната соба во петокот, по кој Зеленски ја напушти Белата куќа без да го потпише очекуваниот договор за минерали, европските лидери брзо застанаа во негова одбрана.
„Не сте сами“, порача полскиот премиер Доналд Туск.
Британскиот премиер Кир Стармер, кој исто така неодамна ја посети Белата куќа, рече дека разговарал и со Трамп и со Зеленски и оти ветил „непоколеблива поддршка“ за Киев.
Видете и ова: Анализа: Четири заклучоци од катастрофата во Овалната собаСе огласи и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која на мрежата Икс напиша дека Украина не е сама.
„Бидете силни, храбри и бестрашни“, му порача таа на Зеленски.
Каја Калас, шефицата на надворешна политика на ЕУ, истакна дека Унијата стои покрај Украина и ќе ја „зголеми својата поддршка“ за Киев.
„Денес стана јасно дека на слободниот свет му треба нов лидер. На нас, Европејците, останува да го прифатиме овој предизвик“, рече Калас во објавата на мрежата Икс.
Францускиот претседател Емануел Макрон оцени дека Русија е агресор, а Украина е жртва.
„Бевме решени да и помогнеме на Украина и да ја санкционираме Русија пред три години и ќе продолжиме да го правиме тоа. Кога велам ’ние‘, мислам на Американците, Европејците, Канаѓаните, Јапонците и многу други“, рече Макрон во објавата на Икс.
Молдавската претседателка Маја Санду нагласи дека вистината е оти Русија ја нападна Украина.
„Русија е агресорот. Украина ја брани својата слобода – и нашата. Ние стоиме со Украина“, нагласи Санду.
Во индивидуални одговори на околу 30 пораки од европските лидери, Зеленски напиша „Ви благодариме за поддршката“.
Видете и ова: Зеленски вели дека односите со САД може да се спасатОд кабинетот на британскиот премиер соопштија дека Стармер и Зеленски ќе се сретнат во Лондон денеска (сабота) попладне пред самитот во неделата.
Во недела, на 2 март, претставници од повеќе од десет европски земји ќе се сретнат во британската престолнина за да се фокусираат на зајакнување на поддршката за „обезбедување праведен и траен мир“ во Украина, соопшти Даунинг стрит.
На средбата ќе се разговара и за потребата Европа да ја зголеми соработката во одбраната поради стравувањата за тоа дали САД ќе продолжат да го поддржуваат НАТО.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека е подготвен да „отвори дискусија“ за можното идно европско нуклеарно одвраќање, по барањето на следниот лидер на Германија, Фридрих Мерц.
Мерц ја нагласи потребата европскиот континент брзо да се придвижи кон „постигнување независност“ од Соединетите Држави во однос на одбранбените прашања.
Турција, која исто така е поканета во Лондон, ќе ја претставува министерот за надворешни работи Хакан Фидан, кој во саботата телефонски разговараше со неговиот руски колега Сергеј Лавров за војната во Украина, изјави извор од турското Министерство за надворешни работи.
Турција, која беше домаќин на разговорите меѓу Русија и Украина во 2022 година, е подготвена да ја повтори таа улога, но останува посветена на „територијалниот интегритет на Украина“, вели изворот.
По тензичната средба со Трамп, Зеленски во интервју за Фокс њуз изјави дека односите со Белата куќа може да се спасат и покрај остриот јавен судир со американскиот претседател.
На состанокот вчера Зеленски изврши притисок за безбедносните обврски на САД и рече дека „не треба да има компромиси со убиец“, јасно мислејќи на рускиот претседател Владимир Путин, додека Трамп рече дека Украина ќе треба да направи отстапки и оти Киев треба да биде поблагодарен за поддршката од САД.
На нивната прва средба откако Трамп ја презеде функцијата на 20 јануари, двајцата лидери разменија ладни поздрави пред камерите, кревајќи го гласот и оживувајќи го спорот што Трамп го предизвика пред една недела кога ја обвини Украина за војната и го нарече Зеленски „диктатор“.
Видете и ова: Што има, а што нема во договорот за минерали меѓу Украина и САД?Трамп му рече на Зеленски и дека не се однесува „воопшто благодарно“.
„Се коцкате со Трета светска војна, а тоа што го правите е многу непочитување кон оваа земја која ве поддржа многу повеќе отколку што многу луѓе велат дека требаше“, рече Трамп.
Како што може да се види и на видеоснимка од Овалната соба, Трамп и Зеленски се прекинуваа меѓусебно, а американскиот претседател му рече на својот посетител: „Твојата земја е во голема неволја. Ти не победуваш … Имаш проклето добри шанси да се извлечеш од ова благодарение на нас … Картите не се во твои раце“.