Ниш под 18-часовна блокада од студенти и граѓани

Блокадата во Ниш се случува на точно четири месеци од несреќата во Нови Сад.

Во 9 часот утрото на 1 март, во Ниш, најголемиот град на југот на Србија, започна блокада на централните градски улици.

На протест повикаа студентите, а во претпладневните часови им се придружија и други граѓани. Планирано е блокадата да трае 18 часа, односно да заврши во 3 часот по полноќ.

Центарот на градот е затворен за сообраќај, а граѓаните на Ниш од утрово поставија штандови со храна и пијалаци за учесниците во демонстрациите.

Видете и ова: Заврши петнаесетчасовната блокада во Крагуевац

Блокадата се одржува на точно четири месеци по несреќата во Нови Сад каде падна бетонската настрешница од реконструираната Железничка станица при што загинаа 15 лица, а две беа повредени.

Падот на настрешницата предизвика бран протести на кој студентите и граѓаните бараат да се утврди кривична и политичка одговорност за несреќата.