Српскиот вицепремиер Александар Вулин му рекол на директорот на Руската служба за надворешно разузнавање (СВР) Сергеј Наришкин во Москва дека „во Србија е во тек обид за обоена револуција и дестабилизација од страна на западните разузнавачки служби“.
Во текот на разговорот, Вулин оценил и дека пресудата на Судот на Босна и Херцеговина против претседателот на босанскиот ентитет на Република Српска, Милорад Додик, за непочитување на одлуките на високиот претставник во Босна и Херцеговина, како и санкциите на САД за нафтената индустрија на Србија (НИС) се дел од „хибридната војна против Србија“.
Во соопштението на српската влада се наведува дека Вулин рече дека крајната цел на ова е „соборување на претседателот Александар Вучиќ и легално избраната влада во Србија“.
Според соопштението на српската влада, Наришкин одговорил дека српскиот народ секогаш може да смета на поддршката од Русија.
Видете и ова: Средба Вулин-Шојгу во МоскваВо Србија во тек се повеќемесечни протести на студенти и граѓани на кои се бара кривична и политичка одговорност за уривањето на бетонската настрешница на реновираната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 15 лица, а двајца беа повредени.
Највисоките функционери на Србија, меѓу кои и претседателот Александар Вучиќ, оценија дека ова е обид за „обоена револуција“, не наведувајќи докази за тоа.
Србија е единствената земја во Европа, заедно со Белорусија, која не се приклучи на санкциите на Европската унија против Русија поради нејзината инвазија на соседна Украина, а официјалните лица продолжија да одржуваат контакти со Москва.
На 10 јануари, САД воведоа санкции за НИС поради руска сопственост, а Вулин е исто така под американски санкции поради наводна корупција и вмешаност во трговија со дрога, како и врски со Русија.