Русија изврши 208 напади со беспилотни летала врз Украина во својот најнов напад врз соседната земја, објавија денеска (28 февруари) украинските власти.
Од нив, 107 биле соборени, додека 97 се изгубиле, објави украинската противвоздушна одбрана на Телеграм.
Воениот гувернер на регионот Харкив, Олех Синиехубов, на Телеграм напиша дека се случил масовен напад на електричната мрежа во регионот, при што две лица биле повредени, а околу 20 згради биле оштетени.
Според локалните власти, во регионот Суми, двајца биле повредени во нападите, додека четири станбени згради, 10 приватни домови и помошни згради биле оштетени. Официјалните извештаи од областа Запорожје, исто така, посочија дека едно лице е повредено, а неколку пожари биле предизвикани од руските напади.
Зеленски треба да дојде во Вашингтон подоцна во петок. Американскиот претседател Доналд Трамп треба да го прими украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа, каде што според најавите треба да се потпише договорот со кој на САД им се дава пристап до минералните ресурси во Украина. Договорот се преговара со недели, со клучни спорни точки, вклучително и прашањето дали ќе вклучува безбедносни гаранции за Украина.
Видете и ова: Што има, а што нема во договорот за минерали меѓу Украина и САД?Во меѓувреме, Украина изврши контранапади со свои беспилотни летала на руска територија. Руската авијација, Росавијација, ги ограничи операциите на московскиот аеродром Шереметјево од безбедносни причини. Околу два часа во текот на ноќта не беа дозволени полетувања или слетувања.
Украинските напади со беспилотни летала постојано предизвикуваат прекини на руските аеродроми.
Руското Министерство за одбрана на Телеграм напиша дека во текот на ноќта над руска територија биле соборени 22 украински беспилотни летала. Погодените региони ги опфаќаат Ориол, Курск, Брјанск, Смоленск и Краснодар.