Кремљ вели дека за анектираните украински територии „не се преговара“

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков и рускиот претседател Владимир Путин (архивска фотографија)

Кремљ отфрли какви било преговори за статусот на петте украински региони за кои тврди дека ги анектирала и покрај тоа што не контролира целосно четири од нив.

„Териториите кои станаа субјекти на Руската Федерација, кои се запишани во уставот на нашата земја, се нераскинлив дел од нашата земја. Ова е непобитно и за тоа не може да се преговара“, изјави на 27 февруари портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Русија во 2014 година го анектираше полуостровот Крим на Украина по кратката воена операција и референдумот кој беше критикуван како нелегитимен од Киев и западните сили.

По започнувањето на својата целосна офанзива, Русија во септември 2022 година прогласи анексија на четири украински региони - Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон.

Руските сили контролираат поголем дел од регионот на Доњецк и Луганск, но само делови од Запорожје и Херсон. Москва, исто така, зазема дел од регионот Харкив во североисточна Украина.

Песков, меѓудругото додаде дека обновувањето на прекинатите врски со Соединетите Држави е процес и ниту една страна не очекува брзи или лесни одлуки.

„Никој не очекува одлуките да бидат лесни и брзи. Но, со политичка волја на двете земји, со подготвеност да се слушаме и да се слушнеме, ќе можеме да го поминеме овој работен процес“, им изјави на новинарите Песков.

Видете и ова: Четири работи што треба да ги знаете за Трамп, Украина и брзата дипломатија

Трамп ги вознемири традиционалните американски сојузници во Европа со неговата подготвеност да ги обнови дипломатските односи со рускиот претседател Владимир Путин и да преговара за крај на војната во Украина, предизвикувајќи загриженост дека Европа, па дури и самиот Киев – ќе бидат настрана во процесот.

На 25 февруари се појавија силни индикации дека е постигнат договор за минералите меѓу САД и Украина и дека украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе дојде во Вашингтон подоцна оваа недела за да го потпише.

Договорот ќе го опфати заедничкиот развој на критичните украински минерали и други природни ресурси, како што се нафтата и гасот, според повеќе медиуми, повикувајќи се на неидентификувани извори во украинската влада. Извештаите велат дека договорот е рамка за широк економски договор кој би вклучувал експлоатација на ретките минерали.

Сè уште не е јасно дали договорот носи одредени американски безбедносни гаранции или дали Вашингтон се обврзал да испрати дополнителна воена помош, објави Ројтерс. Сепак, официјален претставник на украинската влада, цитиран од АП, рече дека Киев се надева дека потпишувањето на договорот ќе обезбеди континуирана воена поддршка на САД што итно и е потребна на Украина.