Мицкоски и Филипче со спротивставени ставови за гласањето за резолуциите од ЕУ и САД

Северна Македонија- Христијан Мицкоски(лево), премиер и претседател на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и Венко Филипче(десно), претседател на опозициската СДСМ

Северна Македонија- Христијан Мицкоски(лево), премиер и претседател на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и Венко Филипче(десно), претседател на опозициската СДСМ

Коалицијата на СДСМ и ДУИ која минатите седум години не бираше средства и начин да ја понижи и засрами Македонија има најмалку кредибилитет да зборува за нашата меѓународна активност и релации со администрацијата на претседателот Трамп, изјави премиерот Христијан Мицкоски откако лидерот на СДСМ, Венко Филипче, претходно кажа дека македонската надворешна политика е „без компас“ и одлучува без надворешно политички приоритети.

Северна Македонија беше една од земјите - коспонзори на предлог-резолуцијата на САД за Украина. Истовремено, Европската Унија, предводена од Германија и Франција, поднесе своја резолуција. Нацрт-резолуцијата на САД е помалку критички настроена кон инвазијата на Русија кон Украина од резолуцијата на ЕУ.

Според Мицкоски, македонската Влада била во целосна координација со САД.

„И да, бевме ние коспонзори на таа резолуција заедно со уште неколку држави, Израел, Унгарија и Грузија. И ќе ја потсетам македонската јавност дека таа е обврзувачка резолуција, бидејќи помина на Советот за безбедност, каде останатите членки кои се постојани, но и оние кои се ротирачки, не гласаа против, што значи ја поддржаа резолуцијата позади која како коспонзор се јавува нашата македонска Влада, односно нашиот претставник во Обединетите нации“, изјави Мицкоски на 26 февруари.

Видете и ова: ОН одмерува две резолуции за третата годишнина од војната во Украина


Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција на 26 февруари рече дека со последното гласање за резолуциите за Украина во Обединетите нации (ОН) се покажува конфузноста во одлуката на Владата да ја коспонзорира резолуцијата предложена од САД, а потоа да гласа воздржано.

„Ваквите потези, донесени врз основа на лични проценки на премиерот Христијан Мицкоски, покажуваат дека земјава нема стратегија и дека надворешната политика се води со импровизации“, рече Филипче.

Според него, многу помудро ќе било земјава да даде поддршка и да гласа „за“ двете резолуции со што ќе испратеше порака дека има принципиелна и стабилна позиција којашто значи поддршка и кон Европската Унија и кон САД.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ) соопшти дека „за СДСМ поважна е дневната политика, отколку долгорочните државни интереси и долгорочното зацврстување на меѓународната позиција на Република Северна Македонија“.

„Неодамнешните одлуки во врска со гласањето на нашата држава за резолуции на Генералното собрание на Обединетите нации се донесени врз основа на редица остварени дипломатски контакти, темелно извршени анализи, спроведени домашни консултации, усогласеност со утврдените позиции на влијателните меѓународни чинители и во координација со нашиот стратешки партнер, САД. ште поважно, тие ја потврдуваат стратешката ориентација на нашата држава кон градење стабилна и предвидлива позиција на меѓународната сцена, како и зајакнување на односите со нашите стратешки партнери“, соопштија од Министерството.

Северна Македонија гласаше „воздржано“ за резолуцијата на Украина поддржана од Европската Унија, а идентично се изјасни и во однос на резолуцијата на САД, чиј текст беше изменет на барање на дел од земјите членки на светската организација.