Русија ја нападна Украина со 177 беспилотни летала

Украина - Руски дрон предизвика пожар во регионот на Киев, 25 февруари 2025 година.

Украина - Руски дрон предизвика пожар во регионот на Киев, 25 февруари 2025 година.

Русија и Украина лансираа десетици беспилотни летала една врз друга во воздушен напад на 26 февруари во кој загина едно лице, најмалку четворица се ранети и се оштетени енергетски објекти, соопштија официјални лица.

Новинарите на АФП во Киев јавија за експлозии откако украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија истрелала 177 беспилотни летала од различни типови кон земјата.

Властите во регионот на Киев соопштија дека едно лице загинало, а две се ранети во предградието на главниот град.

„Телото на почината жена е пронајдено за време на гаснење пожар во двокатна приватна куќа во областа Буча“, изјави гувернерот на коевската област, Микола Калашник.

Видете и ова: Ретките минерали клучни за напорите за постигнување мир во Украина


Министерството за внатрешни работи соопшти дека две лица се ранети во вториот по големина град во Украина, Харков и дека беспилотно летало удрило во деветкатница.

Најголемата украинска приватна енергетска компанија ДТЕК објави дека еден од нејзините објекти е оштетен во регионот Дњепропетровск, без дополнително објаснување.

Во последните месеци Киев ги засили воздушните напади врз енергетските и воените објекти на руска територија, како одговор на руското бомбардирање на украинските градови и енергетската инфраструктура.

Нападите со беспилотни летала од двете страни станаа смртоносна рутина во војната која влезе во нејзината четврта година, додека Соединетите Држави се обидуваат да ги насочат Украина и Русија кон крај на конфликтот.