Украина вели дека е во „последна фаза“ од разговорите за минерали со САД

Украинското знаме

Украинското знаме

Украина и Соединетите Држави се во завршна фаза на разработка на деталите од договорот со кој Вашингтон би добил пристап до украинските природни ресурси во замена за американска поддршка, соопшти во понеделникот Киев.

Преговорите ги зголемија тензиите со американските официјални лица кои вршат притисок врз Украина да го потпише договорот и покрај инсистирањето на Киев дека првичните нацрти немаат витални безбедносни гаранции.

„Украинските и американските тимови се во завршна фаза на преговорите во врска со договорот за минерали. Разговорите беа многу конструктивни, со речиси сите клучни детали финализирани“, рече вицепремиерката Олга Стефанишина на мрежата Х.

Видете и ова: Трамп решен „да ги врати парите“ преку потенцијалниот договор за минерали со Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека има за цел да добие конкретни безбедносни гаранции од Соединетите Држави во замена да му овозможи на Вашингтон пристап до клучните ресурси.

Американскиот претседател Доналд Трамп побара од Украина да им даде пристап на САД до минерали од ретки земји како компензација за воената помош што Киев ја доби во времето на претседателот Џо Бајден.

„Ние сме посветени да го завршиме ова брзо за да можеме да продолжиме со потпишувањето“, додаде Стефанишина во нејзината објава на социјалните мрежи.

Таа рече дека се надева оти Трамп и Зеленски ќе го потпишат договорот во Вашингтон „за да ја покажеме нашата посветеност во децениите што доаѓаат“.