Европа е тука да ја зајакне Украина во овој критичен момент и веќе во март ЕУ на земјата ќе и исплати дополнителни 3,5 милијарди евра помош, најави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето на Меѓународниот самит за поддршка на Украина, што се одржува во Киев.
„Ќе презентирам и сеопфатен план за тоа како да ги зголемиме нашето европско производство на оружје и нашите одбранбени способности. И Украина, исто така, ќе има корист од тоа“, нагласи Фон дер Лајен, најавувајќи дека главен приоритет на ЕУ во наредните недели ќе биде да се забрза итната испорака на оружје и муниција за земјата.
Во говорот на Самитот што се одржува на третата годишнина од почетокот на руската агресија врз Украина, Фон дер Лајен оцени дека никој не сака мир повеќе од народот на Украина, но дека до праведен и траен мир се доаѓа само преку сила.
Претседателката на ЕК потенцира дека во тие рамки е и денешното усвојување на нашиот 16-тиот пакет санкции на ЕУ кон Русија.
„Ќе ги зголемиме казнените санкции против Русија, освен ако таа не покаже вистинска волја да се постигне траен мировен договор“, нагласи Фон дер Лајен.
Украинските градови и места окупирани од Русија во 2024 година
Таа посочи дека 24 февруари 2022 година вечно ќе остане запомнет како неславен ден.
„Беше нападната мирна нација, без причина, поради империјалистичката опсесија на (рускиот претседател Владимир) Путин. Но, ние веруваме во слободна и суверена Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и ви се придружуваме за да ја обликуваме оваа иднина заедно“, додаде претседателката на ЕК.
Според неа, Путин повеќе од кога било се труди да ја добие оваа војна на терен и негова цел останува Украина да капитулира, потсетувајќи дека ЕУ и нејзините земји - членки досега обезбедија поддршка за Украина во износ од 134 милијарди евра.
Таа потенцира дека е потребно и зајакнување на отпорноста на ЕУ во услови кога таа презема поголема одговорност за сопствената безбедност, но дека кога се говори за безбедноста, не се мисли само на нејзината воена димензија.
„Целта е да се обезбеди прилагодлив, безбеден и конкурентен енергетски систем за Украина. Целосно ќе ги интегрираме пазарите на електрична енергија на Украина и Молдавија со нашиот пазар на електрична енергија до крајот на следната година. Ќе го искористиме целосниот потенцијал на огромните складишта за гас во Украина, од кои 80 отсто се наоѓаат близу до земјите членки на ЕУ. Ова генерира приход за Украина. Ќе ги забрзаме и инвестициите во обновливата енергија на Украина. Сите овие напори ќе резултираат со поголема енергетска безбедност и за Украина и за Европската Унија“, рече Фон дер Лајен.
Видете и ова: ЕУ: Фокусот на меѓународната заедница треба да е постигнување сеопфатен, праведен и траен мир во УкраинаИнаку, Фон дер Лајен заедно со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и 21 еврокомесар денеска престојуваат во Киев со цел да ја изразат непоколебливата поддршка на ЕУ за борбата на Украина за независност и слобода на третата годишнина од почетокот на руската инвазија.