Келог го пофали Зеленски среде зголемени тензии меѓу Трамп и Киев

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот пратеник Кит Келог, Киев, 20 февруари 2025 година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот пратеник Кит Келог, Киев, 20 февруари 2025 година.

Претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина и Русија, Кит Келог, денеска (21 февруари) објави дека имал „обемни и позитивни разговори“ со украинскиот претседател Володимир Зеленски, додека Белата куќа продолжува да ги истражува опциите за мировен договор и исто така се обидува да постигне договор со Киев за пристап до вредни минерали во замена за американска помош.

„Долг и интензивен ден со високото раководство на Украина“, напиша Кит Келог во објава на платформата Х, како негов прв коментар за средбата со Зеленски откако новинарите се собраа за прес-конференција на 20 февруари, за таа да биде откажана во последен момент.

Келог го нарече украинскиот претседател „борбен и храбар водач на нацијата во војна“, додека Зеленски рече дека средбата „ја враќа надежта“ по јавниот раскол меѓу Киев и Вашингтон, при што Трамп го нарече украинскиот претседател „диктатор без избори“, а Зеленски го обвини за повторување на руската пропаганда.

Помирувачките коментари дојдоа на последниот ден од повеќедневната посета на Келог на Украина и неколку дена по разговорите на САД и Русија во Саудиска Арабија за ставање крај на тригодишната војна во Украина.

Од тие разговори, Трамп и Зеленски разменија јавна критика среде зголемените тензии меѓу Киев и Вашингтон.

Трамп денеска (21 февруари) продолжи со критиките, велејќи дека „нема потреба да се вклучува Зеленски во мировните преговори“ и дека украинскиот лидер досега не успеал да ја заврши војната.

„Го гледав како преговара без адути. Тој нема адути и тоа станува неподносливо. Доста е“, изјави Трамп за радиото Фокс њуз.

Покрај разгледувањето на опциите за мировен договор, посетата на Келог дојде во време на разговори меѓу Киев и Вашингтон за постигнување можен договор што ќе им овозможи на САД пристап до профитабилните украински минерални наоѓалишта како компензација за претходната американска помош по руската инвазија која започна во февруари 2022 година, потенцијално обезбедувајќи и идна американска помош.

Не се познати точните услови на американската понуда и останува нејасно дали е постигнат некаков напредок за време на патувањето на Келог.

Видете и ова: Зеленски се сретна со Келог, откако Трамп го нарече „диктатор“

И Ројтерс и Аксиос објавија дека американските власти му претставиле на Киев нов, поедноставен договор за минерали за време на посетата на Келог, откако Зеленски ја отфрлил првичната понуда презентирана од американскиот секретар за финансии Скот Бесент, која би им дала на САД 50 отсто удел во природните ресурси на Украина, вклучувајќи минерали, метали, нафта и гас.

Новата американска понуда, наводно, има за цел брзо да постигне нов договор со Киев, а подоцна да се преговара за деталните услови.

Кога ја одби понудата минатата недела, Зеленски изрази загриженост за некои од одредбите, вклучително и недостатокот на безбедносни гаранции за Украина. Ројтерс и Аксиос известуваат дека новата понуда на САД внесе „подобрени“ модификации во споредба со претходната.

Американскиот советник за национална безбедност, Мајк Волц, за време на Конференцијата за политичко дејствување на конзервативците (CPAC) во Вашингтон на 21 февруари рече дека очекува Киев да го потпише договорот и дека тоа ќе биде добро за Украина, додавајќи дека ќе ги „надокнади стотиците милијарди долари инвестирани во оваа војна“ за американските даночни обврзници.

„Претседателот Зеленски ќе го потпише тој договор“, рече тој. „И тоа ќе го видите за многу кратко време.

Американскиот државен секретар Марко Рубио, исто така, го обвини Зеленски дека почнал да се повлекува од разговорите за договорот за минерали за време на интервју на 21 февруари. Тој рече дека е постигнат начелен договор со Зеленски дека Соединетите Држави ќе земат дел од украинските наоѓалишта на ретки минерали. во замена за претходната и идната помош.

„[Зеленски] рече: „Секако, ние сакаме да го направиме овој договор, има совршена смисла, само треба да помине низ нашиот законодавен процес – тие треба да го одобрат“, рече Рубио.

Видете и ова: Нема договор за ретките минерали по американско-украинските разговори во Минхен

„Два дена подоцна прочитав дека Зеленски вели „Го одбив договорот, им реков дека нема шанси, не го правиме“, иако тоа не се случи на состанокот. Така, почнувате да се нервирате“, рече американскиот државен секретар.

Трамп повeќе пати изјавуваше дека сака некаков вид компензација за помошта што Вашингтон ја инвестираше во одбраната на Украина и рече дека сака договор за ресурси пред да одобри поголема американска воена поддршка.

Пристапот до украинските ресурси, особено ретките минерални наоѓалишта во земјата, би можел вкупно да вреди трилиони долари.