Русија и Белорусија на заедничка воена вежба во септември

Илустрација од воена вежба

Илустрација од воена вежба

Русија и Белорусија ќе одржат заедничка воена вежба во септември, изјавија официјални лица на 20 февруари. Ова се дел од напорите на двата соседа и сојузници да ги прошират своите воени врски во услови на борби во Украина.

„Во воената вежба ќе учествуваат над 13 илјади војници“, изјави претставникoт на белоруската одбрана Валериј Ревенко.

Тој додаде дека набљудувачите од Организацијата за безбедност и соработка во Европа, ќе бидат поканети да ги следат вежбите.

Авторитарниот белоруски претседател Александар Лукашенко, кој владее со Белорусија со железна рака повеќе од 30 години и се потпира на субвенциите и поддршката на Кремљ, и дозволи на Русија да ја користи територијата на неговата земја за испраќање војници во соседна Украина во 2022 година и да биде домаќин на дел од нејзиното тактичко нуклеарно оружје.

Руските трупи влегоа во Украина од Белорусија на 24 февруари 2022 година, по заедничката вежба со белоруската армија. Украина и Белорусија делат 1.084 километри граница.

Видете и ова: Американски претставници во ретка посета на Белорусија


Претходно украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека руското воено засилување во Белорусија, која се граничи со членките на НАТО со Латвија, Литванија и Полска, може да ја подготви сцената за потенцијален напад. Русија постојано ги негираше обвинувањата дека би можела да ги нападне членките на НАТО.

Ревенко рече дека Белорусија е отворена за меѓусебни воени инспекции со Полска долж 80 километри длабоко во една на друга територија, нешто што, како што вели тој, ќе ја сигнализира намерата на Полска да продолжи со „добрососедските врски“.

„Ако Полска ја отфрли или игнорира таквата акција, ние ќе имаме поинакво мислење“, изјави Ревенко.

Соединетите Американски Држави и Европската Унија воведоа низа санкции против Белорусија поради нејзиното масовно задушување на протестите по претседателските избори во 2020 година и потегот на Лукашенко да и дозволи на Русија да ја користи територијата на неговата земја за испраќање војници во Украина.

Во декември, Лукашенко и рускиот претседател Владимир Путин потпишаа договор со кој се даваат безбедносни гаранции за Белорусија, најблискиот сојузник на Москва, вклучително и можната употреба на руско нуклеарно оружје за да се помогне да се одбие каква било агресија.

Во тоа време, Лукашенко побара од Путин да распореди понапредно оружје во Белорусија, вклучително и балистичката ракета со среден дострел Орешник, способна за нуклеарно оружје, која Русија првпат ја употреби во ноември против Украина.

Путин одговори дека ракетите Орешник би можеле да бидат распоредени во Белорусија во втората половина на 2025 година, додавајќи дека тие ќе останат под руска контрола, но Москва ќе му дозволи на Минск да ги избере целите.

Потпишувањето уследи по ревизијата на Москва на нејзината нуклеарна доктрина, која за прв пат ја стави Белорусија под руски нуклеарен чадор среде тензиите со Западот поради конфликтот во Украина.

Русија не откри колку тактичко нуклеарно оружје има распоредено во Белорусија, но Лукашенко во декември рече дека неговата земја моментално има неколку десетици од нив. Распоредувањето ја проширува способноста на Русија да гаѓа неколку сојузници на НАТО во Источна и Централна Европа.