Украина нема да учествува на претстојните разговори меѓу американските и руските претставници во Саудиска Арабија, изјави претседателот Володимир Зеленски за новинарите во Абу Даби, каде што престојува како дел од турнејата на Блискиот Исток, која ги вклучува и Саудиска Арабија и Турција.
Зеленски рече дека Украина не била информирана за американско-руските разговори во Саудиска Арабија и верува дека какви било преговори за Украина без Украина нема да дадат резултати.
„Не можеме да признаеме никакви договори за нас без нас“, им рече Зеленски на новинарите во главниот град на Обединетите Арапски Емирати.
„И ние нема да признаеме такви договори“, додаде тој.
Видете и ова: Руски и американски официјални претставници во вторник на разговори во РијадРускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и советникот на Путин за надворешна политика Јуриј Ушаков ќе отпатуваат во Саудиска Арабија на разговори со нивните американски колеги, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Средбата во саудиската престолнина Ријад закажана за 18 февруари ќе се фокусира на обновувањето на односите меѓу Москва и Вашингтон, изјави Песков за новинарите.
Соединетите Држави ќе ги претставуваат државниот секретар Марко Рубио, кој веќе е во Ријад, советникот за национална безбедност Мајк Валц и специјалниот пратеник Стив Виткоф, потврди Стејт департментот.
Говорејќи на прес-конференцијата во Москва со неговиот српски колега пред американско-руските разговори во Саудиска Арабија на 18 февруари, Лавров рече дека Европа веќе имала неколку можности да се вклучи во решавањето на украинското прашање и дека не знае како европските држави би можеле да придонесат доколку бидат поканети на преговарачка маса со оглед на тоа што европските политичари сакаат војната да продолжи.
Иако меѓу европските политичари има различни мислења за Украина, повеќето се согласуваат дека сакаат „праведен и траен мир“ што ќе се постигне со Украина на маса.
Американскиот претседател Доналд Трамп инсистираше на тоа дека украинскиот претседател Володимир Зеленски „ќе биде вклучен“ во какви било мировни разговори за ставање крај на руската војна, истовремено велејќи дека може да се сретне со лидерот на Кремљ, Владимир Путин „многу наскоро“.
Трамп, во одделни изјави за новинарите на 16 февруари, не ги елаборираше деталите.
„Нема одредено време, но тоа би можело да биде многу наскоро“, им рече Трамп на новинарите на прашањето за потенцијален состанок со Путин, најверојатно во Саудиска Арабија.
„Мислам дека тој сака да ја заврши (војната) и тие сакаат брзо да ја завршат. И двајцата“, рече тој.
Подоцна, на тркачката патека во Флорида - каде Трамп го гледаше Дејтон 500 - тој им рече на новинарите дека Зеленски „ќе биде вклучен“ во мировните преговори поради некои стравувања дека Вашингтон ќе склучи договор со Русија што може да ги заобиколи Киев и Европа.
Блумберг, повикувајќи се на неименувани официјални лица, на 16 февруари објави дека Трамп сака да обезбеди примирје до Велигден, кој паѓа на 20 април оваа година, и за западната и за православната црква.
Коментарите дојдоа додека клучните американски лидери се подготвуваа за разговори со Русија во Саудиска Арабија во наредните денови, предводени од државниот секретар Марко Рубио.
Ќе учествуваат и преговарачот за Блискиот Исток Стив Виткоф и советникот за национална безбедност Мајк Валц, соопшти Белата куќа.
Во изјава за Си-Би-Ес, Рубио, кој пристигна во Израел на 15 февруари по посетата на Минхенската безбедносна конференција, рече дека наредните денови ќе одредат дали Путин е сериозен за мирот во Украина.
Видете и ова: По Минхенската конференција, Зеленски и сојузниците влегуваат во непознати водиДо почетокот на 17 февруари, прашањето кој ќе биде вклучен во разговорите во Саудиска Арабија или кога тие би можеле да се одржат остана нејасно.
Кит Келог, специјалниот пратеник на Трамп за Украина и Русија, предизвика контроверзии кога рече дека Европа можеби нема да биде „на маса“ доколку САД посредуваат во преговорите за ставање крај на руската војна против Украина.
Ова ги зголеми стравувањата во ЕУ и во Киев дека тие би можеле да бидат исклучени од одлуките во врска со потенцијалниот договор.
Сепак, Келог рече дека Европа нема да биде исклучена од процесот на донесување одлуки - дури и ако не е „на маса“ - и дека Украина ќе има свое место во преговорите, иако Киев рече дека не била поканета на разговорите во Саудиска Арабија.
Зеленски пристигна на Блискиот Исток на 16 февруари, но Киев рече дека неговата посета на Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Турција има за цел зајакнување на економските врски и дека нема планови за средби со американски или руски претставници.