Лидерите на неколку европски држави денеска (17 февруари)се собираат во Париз за да договорат заедничка позиција за Украина пред администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Средбата се одржува во време кога администрацијата на Трамп остро ја критикува ЕУ и има намера директно да преговара со Русија за ставање крај на војната во Украина.
Францускиот претседател Емануел Макрон ќе биде домаќин на претставници од водечките европски држави, потврди францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.
Елисејската палата соопшти дека средбата е неформална и ќе се одржи попладнево, а на неа ќе присуствуваат лидерите на Германија, Велика Британија, Италија, Полска, Шпанија, Холандија и Данска, како и претседателката на Европската комисија и генералниот секретар на НАТО Марк Руте.
„Целта е да се утврди што можат Европејците сами да сторат за себе, имајќи го предвид забрзувањето на настаните во Украина по иницијативите на претседателот Трамп“, изјави советник на Макрон. Тој нагласи дека Европа мора да преземе повеќе одговорност за сопствената безбедност.
Средбата се случува во исклучително чувствителен момент. Трамп неодамна разговараше телефонски со рускиот претседател Владимир Путин, при што беше спомената можноста за преговори за Украина, што предизвика вознемиреност кај европските лидери.
Видете и ова: По Минхенската конференција, Зеленски и сојузниците влегуваат во непознати водиНа безбедносната конференција во Минхен, која заврши вчера, американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс изнесе критики кон ЕУ, обвинувајќи ја за непочитување на слободата на говор. Тој потврди дека САД размислуваат за преговори за Украина без учество на Европејците.
Украинскиот претседател Зеленски ги повика сојузниците да останат силни и да спречат договор што би бил донесен зад грбот на Украина и Европа.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро изјави дека Европа ќе биде дел од преговорите за Украина, на еден или друг начин.
Тој, исто така, го опиша враќањето на Русија во Г7 како незамисливо, реагирајќи на изјавата на Доналд Трамп во таа насока.