Американскиот претседател Доналд Трамп инсистира на тоа дека украинскиот претседател Володимир Зеленски „ќе биде вклучен“ во какви било мировни преговори за ставање крај на руската војна, додека тој исто така изјави дека може „многу наскоро“ да се сретне со лидерот на Кремљ Владимир Путин.
Трамп, во изјава за новинарите на 16 февруари, не прецизираше детали, бидејќи напливот на дипломатски активности се вртеше од Блискиот Исток до Париз, па се до Флорида.
„Не е одредено време, но тоа може да биде многу наскоро“, им рече Трамп на новинарите во Air Force One на прашањето за потенцијален состанок со Путин, можеби во Саудиска Арабија.
„Мислам дека тој сака да ја заврши војната и тие сакаат брзо да ја завршат. И двајцата. И Зеленски сака да стави крај на тоа“, рече Трамп.
Подоцна, на автопатот на Флорида - каде што Трамп ја следеше трката со автомобили Дејтон 500 - тој им рече на новинарите дека Зеленски „ќе биде вклучен“ во мировните преговори поради некои стравувања дека Вашингтон ќе склучи договор со Русија што може да ги остави настрана Киев и Европа.
Блумберг, повикувајќи се на неименувани официјални лица, на 16 февруари објави дека Трамп сака да обезбеди прекин на огнот до Велигден, односно на 20 април оваа година.
Коментарите следуваат додека клучните американски лидери се подготвуваа да одржат разговори со Русија во Саудиска Арабија во наредните денови, предводени од државниот секретар Марко Рубио.
Ќе учествуваат и преговарачот за Блискиот Исток Стив Виткоф и советникот за национална безбедност Мајк Валц, соопшти Белата куќа.
„Се надеваме дека ќе направиме добар напредок“, изјави Виткоф за Фокс њуз.
Трамп им рече на новинарите дека неговиот тим имал „долги и напорни“ разговори со руски официјални претставници и дека Виткоф неодамна разговарал со Путин три часа.
Инаку Кит Келог, специјалниот пратеник на Трамп за Украина и Русија, предизвика реакции кога рече дека Европа можеби нема да биде „на маса“ доколку САД посредуваат во преговорите за ставање крај на руската војна против Украина.
Тоа ги зголеми стравувањата во ЕУ и во Киев дека тие би можеле да бидат исклучени од одлуките во врска со потенцијалниот договор.
Видете и ова: Зеленски во Минхен повика на создавање „вооружени сили на Европа“Сепак, Келог рече дека Европа нема да биде изоставена од процесот на одлучување - дури и ако не е „на маса“, како и дека Украина ќе има место на разговорите, иако Киев соопшти дека не е поканет на саудиските дискусии.
Зеленски пристигна на Блискиот Исток на 16 февруари, но Киев тврди дека неговата посета на Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Турција има за цел зајакнување на економските врски и дека нема планови за средба на Зеленски со американски или руски претставници.
Михајло Подољак, висок советник на Зеленски, рече дека „нема преговарачи кои ќе ја претставуваат Украина во Саудиска Арабија“ во мировните преговори.
„Денес нема ништо на преговарачката маса за кое би можело да се разговара. Русија не е подготвена за преговори“, изјави тој за украинската телевизија.
Претходно, Зеленски рече дека нема да се вклучи во преговори пред да се сретне со сојузниците, вклучително и европските лидери, за да развие стратегија.
„Никогаш нема да прифатам какви било одлуки меѓу Соединетите Држави и Русија за Украина, никогаш“, изјави Зеленски за Ен-Би-Си на маргините на Минхенската безбедносна конференција.
Во истото интервју, Зеленски изјави дека Украина има „46000 убиени војници“ и „нешто околу 380000 ранети“ од февруари 2022 година во војната. Русија не ги откри загубите, но западни извори наведуваат дека бројот на загинати и ранети е повеќе од 600000, не вклучувајќи ги загубите што ги претрпеле севернокорејските војници вклучени во борбите.
Видете и ова: Американски претставници во Саудиска Арабија на мировни преговори меѓу Русија и УкраинаУкраински официјален претставник рече дека тим бил во Саудиска Арабија за да се подготви за посетата на Зеленски, но ги наведе економските прашања како тема на посетата на делегацијата.
Рубио и други американски претставници истакнаа дека Украина и другите европски нации ќе бидат вклучени во сите значајни преговарачки сесии, доколку и кога тие ќе се одржат.
„На крајот, ќе дојде до точка, ако тоа се вистински преговори, а ние сè уште не сме таму - но ако тоа се случи, Украина ќе мора да се вклучи бидејќи тие се оние кои беа нападнати, а Европејците ќе мора да бидат вклучени бидејќи имаат санкции и кон Путин и Русија“, рече Рубио.
„Сè уште не сме таму“, додаде американскиот државен секретар.
Во меѓувреме, на околу 4600 километри, францускиот претседател Емануел Макрон денеска (17 феврауари) треба да биде домаќин на европските лидери на итен самит за војната во Украина. Некои европски лидери изразија загриженост дека Трамп ќе се обиде да постигне мировен договор со Путин што ги поткопува пошироките европски безбедносни грижи.