Британскиот премиер Кир Стармер е подготвен да испрати британски војници во Украина, доколку е потребно, за да го гарантира мирот по евентуалниот договор.
Во статија објавена во весникот „Дејли телеграф“, тој нагласува дека ќе испрати војници доколку тоа е неопходно за безбедноста на Велика Британија и Европа.
„Велика Британија има клучна улога во поддршката за Киев против руската агресија, што значи дека сме подготвени и достапни да придонесеме за безбедносните гаранции на Украина, вклучително и испраќање на наши војници на терен, доколку е потребно“, изјави Стармер.
Сепак додава дека ја чувствува одговорноста што ја носи можноста британски војници да бидат ставени во опасност, додаде тој.
„Но секоја улога во обезбедувањето на безбедноста на Украина е истовремено и заштита на безбедноста на нашиот континент и нашата земја. Крајот на оваа војна, кога ќе дојде, не смее да биде само привремена пауза пред Путин повторно да нападне“, предупреди шефот на британската Влада.
Видете и ова: Зеленски: Украина не е поканета на разговорите меѓу САД и Русија во Саудиска АрабијаСтармер денеска (17 феврауари) ќе се приклучи на лидерите на неколку европски држави во Париз, во момент кога Европа размислува за стратегија како да одговори на инсистирањето на американскиот претседател Доналд Трамп за договор со Русија и стравувањата дека САД можат да ги намалат своите одбранбени обврски на континентот.
Стармер истакна дека кризата е една од оние што се случуваат еднаш во генерација и дека поставува егзистенцијално прашање за Европа. Британскиот премиер вети дека неговата земја до 2030 година ќе започне да издвојува три милијарди фунти годишно за одбрана.
Во наредните денови тој треба да се сретне со американскиот претседател. Како што посочи, Велика Британија има уникатна улога во обезбедувањето тесна соработка меѓу Европа и САД.