Шефицата на европската дипломатија Каја Калас најави можност за преиспитување на форматот на дијалогот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, наведувајќи дека слушнала критики за пристапот кон досегашниот процес.
Во интервју за „European desk“ за кое се собраа новински агенции од околу 20 европски земји, таа изјави дека во март ќе разговара со новоименуваниот специјален претставник за дијалогот Косово-Србија, Питер Соренсен, за тоа како дијалогот да продолжи.
„Затоа што е јасно дека нормализацијата на односите е неопходна за двете земји. Ако мислат дека можат да тргнат по европскиот пат без нормализирање на односите, според мене, тоа не е можно. Во исто време, слушам и критики за овој формат. Значи, навистина сакам да видам како можеме да го направиме овој процес функционален“, рече Калас.
Видете и ова: НАТО е подготвен да соработува со новата косовска влада, вели РутеВисоката претставничка за заедничка надворешна и безбедносна политика на Европската унија потврди дека за тоа веќе разговарала со шефот на српската дипломатија, кој, според неа, ја потврдил подготвеноста за напредок во процесот на нормализација.
Сега, како што рече, се очекува формирање на нова влада на Косово, а потоа европската страна ќе види како ќе продолжи во овој процес.
Во текот на изминатата година немаше средба меѓу лидерите на Србија и Косово во рамките на дијалогот.
Изборите во Косово се одржаа на 9-ти февруари и сега се очекува да биде формирана нова, најверојатно, коалициска влада во Приштина.
Дури по формирањето на владата и под услов да не се распишат избори во Србија, европската страна може да смета на евентуално започнување на процесот кој практично е закочен од 2023 година, кога лидерите на Косово и Србија постигнаа, а не потпишаа, договор за патот кон нормализација на односите.
Ниту една од страните досега не спроведе ниту еден член од овој договор.