Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 13 февруари изјави дека Украина нема да прифати никакви билатерални договори за нејзината судбина постигнати од Москва и Вашингтон во нејзино отсуство и ја повика Европа да има место на преговарачката маса на крајот на војната.
„Денес е важно сè да не оди според планот на (рускиот претседател Владимир) Путин, во кој тој сака да стори сé за неговите преговори да бидат билатерални (со САД)“, рече Зеленски, јавува новинската агенција Ројтерс.
Претходно американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека имал „долг и многу продуктивен“ телефонски разговор со неговиот руски колега Владимир Путин.
„Разговаравме за Украина, Блискиот Исток, енергијата, вештачката интелигенција, моќта на доларот и разни други теми“, рече Трамп во објава на неговата социјална мрежа Вистина.
„Договоривме тесна соработка, вклучително и меѓудржавни посети. Исто така, се согласивме нашите тимови веднаш да почнат со преговори, а ќе почнеме така што ќе го повикаме украинскиот претседател Зеленски за да го известиме за разговорот, а тоа ќе го направам токму сега“, стои во објавата на Трамп.
Кремљ објави дека Русија е подготвена да прими американски претставници на разговори за Украина.
Според портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, Трамп „изразил поддршка за итен прекин на непријателствата и мирно решавање на проблемот“.
„Претседателот Путин, од своја страна, ја спомена потребата да се елиминираат причините за конфликтот и се согласи со Трамп дека долгорочно решение може да се постигне со мирни преговори“, рече Песков.
Песков рече дека Путин го поканил Трамп да ја посети Москва и дека Русија е подготвена да прими американски претставници на разговори.