Руте: Киев мора да биде вклучен во мировните преговори за Украина

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте

Украина мора да биде „тесно вклучена“ во какви било мировни преговори што се однесуваат на земјата и секој договор мора да биде „одржлив“, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Марк Руте.

„Кога зборуваме за Украина, од клучно значење е Украина да е тесно вклучена во сè што се однесува на Украина“, им рече Руте на новинарите, ден по телефонскиот разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.

Претходно Трамп информираше дека имал „долг и многу продуктивен“ телефонски разговор со неговиот руски колега.

„Разговаравме за Украина, Блискиот Исток, енергијата, вештачката интелигенција, моќта на доларот и разни други теми. Договоривме тесна соработка, вклучително и меѓудржавни посети. Исто така, се согласивме нашите тимови веднаш да почнат со преговори“, напиша Трамп во објава на неговата социјална мрежа.

Видете и ова: Трамп: Имавме „долг и продуктивен“ разговор со Путин

Кремљ соопшти дека од своја страна, Владимир Путин му рекол на Доналд Трамп дека сака да најде „долгорочно решение“ за украинскиот конфликт преку „мировни преговори“.

Разговорите доаѓаат во време кога се приближува третата годишнина од инвазијата, на крајот на овој месец, а дипломатијата се интензивира во пресрет на Минхенската безбедносна конференција која ќе се одржи од 14-16 февруари.