Европските сили бараат „место на маса“ во преговорите за Украина

Заедничка фотографија на министрите за надворешни работи на Франција, Велика Британија, Германија, Полска, Италија, Шпанија и Европската комисија во Париз, Франција, 12 февруари 2025

Заедничка фотографија на министрите за надворешни работи на Франција, Велика Британија, Германија, Полска, Италија, Шпанија и Европската комисија во Париз, Франција, 12 февруари 2025

Европските сили, вклучувајќи ги Велика Британија, Франција и Германија, соопштија дека мора да учествуваат во какви било идни преговори за судбината на Украина, нагласувајќи дека само фер договор со безбедносни гаранции ќе обезбеди траен мир.

„Нашите заеднички цели треба да вклучуваат ставање на Украина во позиција на сила. Украина и Европа мора да бидат дел од какви било преговори“, се вели во заедничката изјава на седумте земји и Европската комисија, пренесе Ројтерс.

„На Украина треба да и се обезбедат силни безбедносни гаранции. Праведен и траен мир во Украина е важен услов за силна трансатлантска безбедност“, се нагласува во изјавата и се додава дека европските сили со нетрпение очекуваат разговори со американските сојузници за следните чекори во мирот.

Министрите за надворешни работи на Франција, Велика Британија, Германија, Полска, Италија, Шпанија и Европската комисија во средата (12 февруари) во Париз се сретнаа со украинскиот министер за надворешни работи.

Средбата, закажана пред неколку недели, имаше за цел да ги претстави одбранбените стратегии на ЕУ, да разговара за тоа како да се зајакне Украина, да се планираат идни мировни преговори и да се разговара за тоа како да се пристапи кон разговорите со американската администрација кога тие ќе се сретнат на Минхенската безбедносна конференција овој викенд.

Видете и ова: За што ќе се разговара на Минхенската безбедносна конференција?

На овие теми мораше да се пристапи од нов аспект, откако американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека враќањето на границите на Украина од пред 2014 година е нереално и дека САД не го гледаат членството на Киев во НАТО како дел од решението за војната.

Коментарите на Хегсет беа проследени со телефонски разговор меѓу претседателот Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, по што Трамп рече дека нивните тимови се согласиле веднаш да започнат преговори.

Европските сили не беа однапред информирани за поканата и беа изненадени од отвореноста на Хегсет, велат дипломатите, потсетува Ројтерс.

На прашањето дали некоја европска земја ќе биде вклучена во мировните преговори, портпаролката на Белата куќа Каролин Левит рече: „Во моментов нема вклучени европски земји“.