Трамп: „Преплашениот“ Иран е подготвен да склучи нуклеарен договор

илустрација

илустрација

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека верува оти може да се постигне договор со Иран за неговата нуклеарна програма, бидејќи Техеран е подготвен да преговара и да избегне ескалација што може да вклучи и воена опција.

Говорејќи во интервју за Фокс њуз доцна на 10 февруари, Трамп рече дека иранските власти се „загрижени и исплашени“ за последиците доколку не се постигне договор, неколку часа откако иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ја доведе во прашање искреноста на Вашингтон во барањето преговори со Техеран.

„Сите мислат дека Израел, со наша помош или одобрение, ќе влезе и ќе ги бомбардира. Јас повеќе би сакал тоа да не се случи“, рече Трамп.

„Не можете да му дозволите на Иран да има нуклеарно оружје, но има два начини да го запрете: со бомби или со писмен договор. Мислам дека Иран би сакал да направи договор и јас би сакал да склучам договор со нив без бомбардирање“, додаде американскиот претседател.

Трамп рече дека Техеран е ослабен поради „огромната загуба“ во неговата противвоздушна одбрана, очигледно мислејќи на израелските напади кон крајот на октомври за кои аналитичарите велат дека нанеле „значаен удар“ на способноста на Иран да произведува балистички ракети со долг дострел.

Видете и ова: Пезешкијан го обвини Трамп дека сака да ја „фрли земјата на колена“

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи минатата недела ја отфрли можноста за нуклеарни разговори со Соединетите Држави, инсистирајќи дека преговорите нема да ги решат проблемите на Иран, неколку дена откако Трамп зборуваше за постигнување договор што ќе им овозможи на Иранците да „продолжат“ со своите животи.

На 4 февруари, Трамп потпиша наредба за обновување на неговата политика на „максимален економски притисок“ врз Иран со цел да му наштети на извозот на нафта и да ја забави неговата нуклеарна програма, за која Техеран тврди дека е за цивилни цели.

Значајниот договор од 2015 година со светските сили ја ограничи иранската нуклеарна програма во замена за олеснување на санкциите.

Сепак, Трамп ги повлече Соединетите Држави од договорот за време на неговиот прв мандат и повторно воведе санкции во 2018 година, што доведе Техеран да го забрза збогатувањето ураниум и да ги ограничи меѓународните инспекции на неговите нуклеарни постројки.

Кога ги повлече САД од нуклеарниот договор, Трамп рече дека Техеран не го почитува духот на договорот и дека продолжува со обидите да развие нуклеарно оружје. Тој, исто така, го обвини Иран дека го поддржува екстремистичкото насилство во регионот, што Техеран го негираше.

Трамп за Фокс њуз изјави дека секој нов договор со Техеран мора да вклучува способност за следење, инспекција и проверка на нуклеарните активности на Иран и уништување на нуклеарниот материјал или едноставно да се осигура дека тој „повеќе не е нуклеарен“. Не соопшти повеќе детали за тоа што ќе вклучува договорот.