За денеска (7 февруари) е најавен нов бојкот на маркетите по минатонеделниот кога прометот во големите трговски ланци беше намален за речиси 50 проценти.
Надлежните пак најавуваат мерки кои треба да бидат познати во текот на денешниот ден или во понеделник. До крајот на неделата треба да завршат и шестмесечните контроли на Пазарниот инспекторат со кои се опфатени дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците.
„Течат контролите на дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците. Надзор се врши врз целокупниот процес, се контролира и колкава е маржата ставена од трговците за период од шест месеци, дали таму е чепкано и врз основа на тој извештај од Инспекторатот, како Влада ќе преземеме соодветни мерки“, истакна вчера министерот за економија Бесар Дурмиши.
Според него, легитимно е да има бојкот на маркетите, бидејќи одредени компании генерираат огромни приходи на грбот на граѓаните.
„Легитимно е да има бојкот на маркетите, го разбирам организирањето на вакви активности зашто одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни приходи на грбот на граѓаните. Ова нема да го прифатиме и да го толерираме. Ќе ве известиме како ќе постапиме понатаму, подготвени сме да ги преземеме сите мерки што ни се на располагање за да ги спречиме овие незгодни ситуации“, рече Дуримиши.
Видете и ова: Бојкот, кошничка или закон - што ќе ги спаси граѓаните од скапотијата?Од Сојузот на стопански комори, пак, велат дека супермаркетите работат со минимални маржи и дека ценовната моќ е кај добавувачите и производителите. Повикувајќи се на резултатите од направена анализа, од ССК посочуваат дека супермаркетите работат со просечна профитна маржа од 0,83 отсто, а производителите и дистрибутерите во просек остваруваат 4,32 отсто.
На повик на платформата „Ало инспекторе“, и во Хрватска денеска се одржува еднодневен бојкот на сите производи и услуги, во знак на протест на потрошувачите поради високите цени. Исто така, стапува во сила и одлуката на Владата за директни мерки за контрола на цените на одредени производи, со која се прошири постојната листа од 30 производи со ограничени цени на 70 производи.