Клековски: ГОБ „8 септември“ ќе стане регионален центар за лекување

ГОБ 8 Септември Скопје

ГОБ 8 Септември Скопје

Владата размислува да ја стави во мирување иницијативата за изградба на нов Клинички центар, а наместо тоа Градската општа болница „Осми септември“ да стане регионален центар за лекување на пациентите од Скопје, Куманово и Велес. Ова го изјави денеска (6 февруари) директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски кој го презентираше буџетот на ФЗО за оваа година наречен „План 2025“.

Клековски истакна дека додека е паузирана идејата за изградба на нов клинички центар, ќе се разгледуваат потребите на општеството.

„Нам демографијата ни паѓа. Со текот на годините имаме сè помалку население, така што мораме да ги погледнеме и бројот на осигуреници и пациенти“, додаде тој.

Според него, дел од болничките капацитети низ државата не се искористени како што треба, а од сите нив, најблиску до стандардите за нешто повеќе, вклучувајќи и за универзитетска клиника, има „Осми септември“.

Видете и ова: Скопските клиники не искористиле пет милиони евра за лекови

Како што рече, оваа болница располага со 150 квадратни метри болнички капацитети, што е значително повеќе во споредба со Старата градска болница односно „Свети Наум Охридски“, која има само околу 30 квадратни метри.

„Во Осми септември се изведуваат методи кои не се изведуваат на Клиника. Тука гледаме најмногу потенцијал, со најмало вложување да добиеме најдобар одговор. Освен Онкологијата, мислам дека ќе бидат најавени нови проекти, како на пример Нефрологија“, објасни Клековски нагласувајќи дека за оваа иницијатива ќе бидат потребни законски измени.

Буџетот на Фондот за оваа година е 53,4 милијарди денари или за 7 милијарди повеќе од лани. Клековски денеска информираше дека со оваа сума, посебен акцент ќе се стави на зголемување на средствата за дијагностички лаборатории за подобра покриеност и намалување на времето на чекање за овие услуги.

Инаку нов Клинички центар најавија неколку претходни влади, но ниту една досега не почна да го гради. Како алтернативно решение Владата на Мицковски го предлагаше спојувањето на клиниките во рамки на Клиничкиот центар во Скопје.