Димитриевска: Недостигот на јавни обвинители е сериозен проблем

Душица Димитриеска, претседателка на Совет на јавни обвинители

Душица Димитриеска, претседателка на Совет на јавни обвинители

Недостигот на јавни обвинители речиси во сите јавни обвинителства во нашата држава е сериозен проблем, порачува претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриевска, посочувајќи дека тоа се одразува не само на квалитетот на истрагите, туку и на ефикасноста на самите постапки.

За пополнување на основните јавни обвинителства единствениот законски услов, нагласи Димитриевски, е само со завршена Академија за судии и јавни обвинители.

„Самиот недостиг на јавни обвинители влијае не само на квалитетот на истрагите, туку и на ефикасноста на самите постапки, а со тоа секако придонесува да има незадоволство од страна на одредени странки и во ефикасноста на постапувањето која се должи пред се на објективни причини“, изјави Димитриевска, одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на денешната седница.

Видете и ова: Над 60 отсто судии и обвинители се жени, но тешко напредуваат

Советот на јавни обвинители денеска (6 февруари) објави оглас за избор на 47 нови јавни обвинители, од осмата генерација на Академијата на судии и јавни обвинители.

„Приоритетите ни се да ги пополниме местата сепак зависи од самите кандидати коишто треба да се јават на огласот“, изјави Димитриевска.

Во моментот недостигаат 97 јавни обвинители, а пополнети се нешто помалку од две третини или само 164 од вкупно 261 предвидени по систематизацијата за јавно обвинителски места на ниво на државата.