ЕУ ги обнови санкциите за Русија

Илустрација - Знамиња на Европската Унија

Илустрација - Знамиња на Европската Унија

Европската унија (ЕУ) денеска (27 јануари) се согласи да ги продолжи своите санкции против Русија поради војната во Украина, откако Унгарија се согласи на потегот по неколкунеделниот застој, пренесува агенцијата АФП.

„Министрите за надворешни работи на ЕУ штотуку се согласија повторно да ги продолжат санкциите кон Русија. Ова ќе продолжи да ја лишува Москва од приходите за финансирање на нејзината војна“, напиша шефицата за надворешни работи на блокот, Каја Калас, на платформата X.

Инаку, 27-те членки на ЕУ треба едногласно да се согласат за продолжување на санкциите на секои шест месеци, а следниот рок се наближуваше на 31 јануари.

Унгарија, една од најпријателските земји за Русија во ЕУ, ги налути другите земји-членки со одбивањето да даде зелено светло за последното продолжување.

Будимпешта најпрво рече дека сака да почека дo инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп, за да се изјасни.

Откако тоа помина, премиерот Виктор Орбан потоа инсистираше Брисел да ја притисне Украина повторно да го отвори гасоводот што води кон Централна Европа.

Видете и ова: Трамп во Давос изјави дека Украина е подготвена за договор и дека гарантира испорака на гас за Европа

Европската комисија објави изјава во која се вели дека е подготвена да ги вклучи Унгарија и Словачка во разговорите со Киев за испораките на гас во Европа.

Челниците на ЕУ додадоа дека „ќе и се пријде на Украина за да се побараат гаранции во врска со одржувањето на трансферите на нафтоводи во ЕУ“.

„Унгарија ги доби гаранциите што ги побара за енергетската безбедност на нашата земја“, рече унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, во онлајн објава.

Украина дозволи договорот за транзит на гас со Русија да истече на Нова година, бидејќи се обидува на Москва да и ги скрати приходите кои ги користи за финансирање на војната што Кремљ ја започна во февруари 2022 година.

Орбан постојано ги одложуваше претходните одлуки за санкциите на ЕУ кон Русија поради инвазијата на Украина, пред на крајот да ги одобри.

Официјални лица предупредија дека ако Унгарија дозволи санкциите да се отстранат, ова ќе предизвика западните поддржувачи на Киев да ја изгубат главната моќ над Москва пред потенцијалните мировни преговори.