Шефицата на македонската држава Гордана Сиљановска-Давкова денеска ќе престојува во посета на Република Полска, по повод одбележувањето на 80. годишнината од ослободувањето на германскиот нацистички концентрационен и логор за истребување Аушвиц-Биркенау, во предградието на Освиенцим, близу Краков.
На настанот ќе присуствуваат бројни шефови на држави и влади, членови на кралски семејства и високи претставници на Европската Унија.
Меѓу присутните ќе бидат и членови на кралски семејства, како што се Кралот Чарлс III од Обединетото Кралство, кралот и кралицата на Белгија, кралот и кралицата на Данска, кралот Вилем-Александар, кралицата Максима и принцезата Катарина-Амалја од Холандија, принцот престолонаследник Хокон од Норвешка, кралот Филип VI и кралицата Летиција од Шпанија, како и принцезата Викторија од Шведска.
САД ќе бидат претставени од специјалниот пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, додека од Израел ќе присуствува министерот за образование Јоав Киш.
Видете и ова: Трагедијата на Холокаустот пред македонски студентиПрисуство најавија и високи претставници на меѓународни организации, меѓу кои претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, заменик генералниот секретар на НАТО, Радмила Шеќеринска, генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азуле и заменик секретарот на ООН за политички и мировни прашања, Розмари ДиКарло.
Како што соопштија од Музејот „Аушвиц-Биркенау“, оваа годишнина ќе биде без говори на политичарите. Говорите ќе ги одржат само преживеаните од логорот, бидејќи, според директорот на музејот, Пјотр Цивињски, тоа ќе биде можеби последната голема комеморација на која тие ќе можат да сведочат лично за своите искуства.
Русија, која во 2005 година беше претставувана од Владимир Путин, овој пат нема да има делегација, поради тековната војна во Украина.
Логорот Аушвиц, ослободен на 27 јануари 1945 година од страна на советските сили, е симбол на страдањата за време на Холокаустот. Од околу 1,3 милиони луѓе испратени во логорот, повеќе од 1,1 милион беа убиени, главно Евреи.