Во Белорусија денеска (26 јануари) се одржуваат претседателски избори, на кои се очекува претседателот Александар Лукашенко неприкосновено да освои седми мандат, продолжувајќи го неговото тридецениско авторитарно владеење, јави агенцијата АФП.
Лукашенко од 1994 година е на власт во изолираната Белорусија која е сојузничка на Москва.
Избирачките места беа отворени во 8 часот. Тоа е прво гласање за претседател откако Лукашенко ги потисна масовните протести против неговото владеење во 2020 година. Оттогаш тој дозволи Москва да ја користи белоруската територија за да ја нападне Украина во 2022 година, пренесе АФП.
Опозицијата и Западот рекоа дека Лукашенко ги наместил последните избори, а властите ги разбиле демонстрациите, при пшто повеќе од илјада луѓе сè уште се во затвор.
Сите политички противници на Лукашенко се или во затвор или во егзил заедно со десетици илјади Белоруси кои избегаа од 2020 година.
Во предизборието, администрацијата на Лукашенко помилува околу 200 политички затвореници. Но, поранешни затвореници „Франс прес“ изјавија дека ослободените се под близок надзор на безбедносните служби и не се во состојба да водат нормален живот.
Обединетите нации проценуваат дека околу 300.000 Белоруси ја напуштиле земјата од 2020 година, главно во Полска и Литванија, од вкупно девет милиони жители на Белорусија. Тие нема да можат да гласаат, бидејќи Белорусија го укина гласањето во странство.
Протераната опозициска лидерка Светлана Тихановскаја го осуди гласањето како „фарса“ во јануарското интервју за АФП.
Додека Лукашенко претходно внимателно ги балансираше односите меѓу Европската унија и Москва, од 2020 година тој политички и економски се потпира на Русија.