Песков: Путин е подготвен за контакт со Трамп, Москва чека сигнали

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков

Рускиот претседател Владимир Путин е подготвен за контакт со американскиот претседател Доналд Трамп, а Москва чека сигнали и навремено ќе ја информира јавноста за можниот разговор, изјави денеска (24 јануари)портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Путин е подготвен, чекаме сигнали, сите се подготвени“, рече Песков, одговарајќи на новинарско прашање дали за викендот очекува контакти меѓу претседателите на Русија и САД.

Тој додаде дека е „тешко да се предвиди“ што ќе се случи.

Видете и ова: Трамп: Путин ја „уништува“ Русија со тоа што одбива да стави крај на војната во Украина

Песков, исто така, рече дека конфликтот во Украина произлегува од заканата за руската национална безбедност и целосното одбивање на Западот да ја слушне загриженоста на руската страна за заканите за Русите кои живеат на територии кои еднострано прогласија отцепување од Украина.

Трамп деновиве изјави дека украинскиот конфликт може да се заврши „на полесен или потежок начин“. Тој апелираше за постигнување договор со Русија за решавање на украинската криза и се закани со воведување царини и санкции на рускиот извоз доколку не се постигне договор.

„Време е да се договориме. Нема повеќе време за губење! Ако не постигнеме договор, нема да имам друг избор освен да воведам високи даноци, царини и санкции за сè што Русија извезува во САД и други земји кои се вклучени“, напиша Трамп на „Truth Social“.