Јанакиески, Вељановски, Ристовски и Атанасовски ослободени од кривично гонење за „Организатори на 27 април“

илустрација

илустрација

Миле Јанакиески, Трајко Вељановски, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски се ослободуваат од кривично гонење во предметот „Организатори на 27 април“. Тие беа обвинети за кривичното дело Терористичко загрозување на уставниот поредок, во врска со нападот во Собранието на 27 април 2017 година.

Кривичниот суд ја донесе одлуката по доставеното мислење од Основното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција дека за обвинетите треба да се примени Законот за амнестија од 2018 година.

Со истиот закон во друга постапка беа ослободени поранешните пратеници Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, како и водачите на протестите „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Богдан Илиески-Бетмен, Владо Јовановски и Игор Дурловски.

Судијата Илија Трпков досега во два наврати одлучуваше дека амнестијата не ги опфаќа овие обвинети, но Апелација бараше и по трет пат да се произнесе. Последниот пат ситуацијата се смени бидејќи и обвинителството даде позитивно мислење.

Видете и ова: Одложено судењето за „Организатори на 27 април“, Кривичен ќе одлучува по барањето за амнестија

Судијата образложи дека лично и тој и советот се уште се на став дека интенцијата на законодавецот била во никој случај организаторите да не се амнестираат.

„Но во Законот за амнестија во одредбите, има сврзник според кој Јавното обвинителство и Апелација сметаат дека овие обвинети не се лица кои постапувале спротивно на службените овластувања при вршење на кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок“, рече судијата Трпков и додаде:

„Имајќи во предвид на наведеното, на крајот ќе произлезе дека осудените лица за настаните од 27 април, сами се организирале, сами размислиле дека треба да влезат во Собранието, кршат и тепаат. На сите ни е јасно, а и на осудените лица во затворите ,дека тоа не е така, дека некој ги организирал да влезат во Собранието. Инаку тоа не може да се случи. Не може да се пробие полициски кордон на кошаркарски натпревар, а не во Собранието“.

Видете и ова: Осудените за 27 април „сопка“ за новиот закон за амнестија?

Ова беше второ судење за предметот „Организатори на 27 април“. Првото судење заврши во јули 2021 година, кога поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељановски беше неправосилно осуден на шест години и шест месеци затвор, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски на по шест години и три месеци, а поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски на шест години.

Апелацискиот суд Скопје лани ја укина пресудата и го врати предметот на повторно судење.