Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска (21 јануари) рече дека завршувањето на руската војна во Украина ќе биде официјална политика на САД под претседателот Доналд Трамп, како дел од целта на новата администрација да промовира мир.
Поранешниот сенатор, познат по својот цврст став кон Кина и поддршката за Израел, е првиот од кандидатите за функција во кабинетот на Трамп кој положи заклетва, бидејќи Сенатот едногласно ја потврди неговата номинација во понеделникот вечерта.
За време на сослушувањето минатата недела, новиот американски државен секретар рече дека и Москва и Киев ќе мора да направат отстапки за да ја прекинат војната и сугерираше дека Украина ќе мора да се откаже од својата цел да ја врати целата територија што Русија ја зазеде во изминатата деценија.
Рубио ги повтори тие коментари на телевизијата NBC денеска, пред церемонијата на положување заклетва.
„Официјалната политика на Соединетите Држави ќе биде дека војната мора да заврши и ние ќе направиме се што е можно за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Видете и ова: Зеленски повикува на заедничка европска одбранбена политикаПоранешниот претседател Џо Бајден, кој испрати оружје во вредност од милијарди долари во Украина откако Русија започна инвазија на земјата во февруари 2022 година, инсистираше на тоа дека Украина треба да одлучи дали и кога да влезе во мировни преговори со Русија.
Трамп за време на изборната кампања рече дека брзо ќе ја заврши војната, без да каже како ќе го направи тоа.
Рубио рече дека ќе биде „комплицирано... бидејќи секоја страна ќе мора да даде нешто“.
„Единствениот начин на кој овие конфликти завршуваат е ... не во јавни изјави“, рече Рубио.
„Тие завршуваат со цврстата, енергична дипломатија што САД се обидуваат да ја спроведат, надевајќи се дека ќе го завршат овој конфликт на одржлив начин што ќе ја гарантира безбедноста на Украина и нашите партнери во регионот и што ги запира убиствата и умирањето и уништувањето што го гледаме веќе подолго време“, рече Рубио.
Тој беше долгогодишен член на Сенатскиот одбор за надворешни работи и разузнавање. Овој син на кубански имигранти, исто така, се залагаше за строги мерки против островската држава со која владеат комунистите и нивните сојузници, особено владата на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
Говорејќи во Белата куќа, откако положи заклетва, Рубио вети дека ќе ја спроведе надворешната политика на Трамп „унапредувајќи го националниот интерес на оваа земја“.
Тој додаде дека друга надворешнополитичка цел под Трамп ќе биде „промоција на мирот“.
Извор: Ројтерс