Вучиќ разговарал со Орбан за енергетската безбедност

Српскиот претседател Александар Вучиќ (лево) и унгарскиот премиер Виктор Орбан (десно)

На 18 јануари, српскиот претседател Александар Вучиќ разговараше со унгарскиот премиер Виктор Орбан и министерот за надворешни работи на земјата Петер Сијарто за спроведувањето на инфраструктурните проекти и енергетската безбедност.

Вучиќ во Белград се сретна со Орбан и Сијарто, а како што наведе во објавата на својот Инстаграм профил, со нив ќе разговара за „актуелните геополитички и регионални прашања, како и за зајакнување на соработката меѓу двете земји со цел да се најдат решенија за новонастанатите предизвици“.

„Секогаш е чест и задоволство да ги угостиме нашите унгарски пријатели Виктор Орбан и Петер Сијарто во Белград. Со Синиша Мали (српскиот министер за финансии) разговараме за актуелните геополитички и регионални прашања, како и за зајакнување на соработката меѓу нашите две земји со цел да најдеме решенија за новите предизвици“, напиша Вучиќ на Инстаграм.

Видете и ова: Србија и Унгарија потпишаа заедничка политичка декларација

Србија и Унгарија развија соработка во областа на енергетиката. Во јули 2023 година, тие потпишаа договор за основање на заедничка компанија за трговија со гас. Србија изнајмува и складиште за гас од Унгарија, поради недостаток на сопствени капацитети.

Заедно градат нафтовод кој, според официјалните лица, треба да биде завршен до 2027 година. Властите во Белград одлучија да изградат дополнителна рута за снабдување со нафта, откако Хрватска го забрани транспортот на руска нафта на крајот на 2022 година, во согласност со санкциите на Европската унија против Русија поради нејзината инвазија на Украина.