Американскиот претседател Џо Бајден се очекува следната недела да воведе нови санкции против руската економија, според американски функционер, како дел од мерките за зајакнување на Украина соочена со агресијата на Москва, пред Доналд Трамп да ја преземе функцијата.
Санкции се очекуваат, рече функционерот кој побара да остане анонимен, бидејќи администрацијата на Бајден денеска (9 јануари) објави нова воена помош од 500 милиони долари за Украина, која се очекува да вклучи проектили за противвоздушна одбрана, муниција и опрема за поддршка на борбените авиони Ф-16.
Враќањето на новоизбраниот претседател Трамп во Белата куќа на 20 јануари ги поттикна шпекулациите за дипломатско решение за ставање крај на инвазијата на Москва, но и стравот во Киев дека набрзина постигнатиот мир може да има висока цена.
Советниците на Трамп изнесоа предлози за ставање крај на војната во Украина, со кои практично во догледна иднина на Русија би и се отстапиле големи делови од украинската територија.
Видете и ова: САД најавија нов пакет воена помош за Украина од 500 милиони долариСоработниците на Бајден велат дека сакаат да ја стават Украина во најсилна позиција на бојното поле за да имаат предност во можните преговори со Русија оваа година.
Засега нема детали за санкциите што Бајден би ги наметнал на Русија во своите последни денови како претседател, иако неговите соработници ги информирале соработниците на Трамп за чекорите што ги преземаат, рече функционерот.
Ројтерс претходно оваа недела објави дека три извори рекле оти САД планираат дополнителни санкции насочени кон приходите на Русија од нафтата, кои помагаат во финансирањето на нејзината војна против Украина.
Еден од изворите рече дека санкциите ќе бидат насочени кон две руски нафтени компании, повеќе од 100 танкери, трговци со нафта и руски осигурителни компании, без да прецизира за кои субјекти станува збор.
Извор: Ројтерс