МНР ја осуди изјавата на лидерот на бугарска „Преродба“ за припојување на Северна Македонија кон Бугарија

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија соопшти дека „силно ја осудува објавата на лидерот на бугарска политичка партија Преродба, Костадин Костадинов, и актуелен пратеник во Народното собрание на Бугарија, на Фејсбук со која изразува јасни територијални претензии кон нашата држава“.

„Таквите злонамерни изјави на официјални личности од бугарската политичка сцена се директен напад на суверенитетот, интегритетот и независноста на нашата држава и истовремено се во директна спротивност со правилата и принципите на меѓународното право, немешањето на државите во нивните внатрешни работи и политиката на градење добри меѓусоседски односи“, македонското МНР во реакцијата.

Видете и ова: Средба Давкова-Радев: Билатералните спорови да се решаваат во рамки на принципите на ЕУ

Лидерот на ултаранационалистичката и крајнодесничарска бугарска партија „Преродба“, Костадин Костадинов, ја повика владата во Софија официјално да објави претензии за припојување на Македонија и на украинската област Јужна Бесарабија кон Бугарија.

Оваа негова изјава е дел од објавата, во која Костадинов ги поддржува изјавите на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, за Канада и Панамскиот Канал.

Изјавата на Костадинов, за македонското МНР е „недолична и непримерна“.

„Ваквата недолична изјава на Костадинов, очекуваме од официјална Софија да биде отфрлена како непримерна на духот и времето во кое живееме, европските стандарди кои силно ги почитуваме и спротивно на нашите залагања за обезбедување траен мир, безбедност и просперитет во Европа и пошироко“, стои во соопштението на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Изјавата на Костадинов доаѓа во време на чувствителни односи меѓу Северна Македонија и Бугарија, поврзани со историјата, идентитетот и јазикот.

Скопје и Софија во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство, но, Бугарија во 2019 година стави вето Северна Македонија да добие датум за почеток преговорите за членство во ЕУ.