САД најавија нов пакет воена помош за Украина од 500 милиони долари

Украинскиот претседател Володомир Зеленски и американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, 9 јануари 2025 година

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин на состанокот на земјите кои го поддржуваат Киев во Германија најави нов пакет воена помош за Украина од 500 милиони долари.

„Пакетот вклучува „дополнителни ракети за украинската воздушна одбрана, повеќе муниција, повеќе муниција воздух-земја и друга опрема за поддршка на украинските Ф-16“, рече Остин.

Украинските сојузници и претседателот Володимир Зеленски се состанаа во американската воена воздухопловна база Рамштајн во Германија за да разговараат за континуираната поддршка за Киев во војната со Русија.

На почетокот на состанокот во Рамштајн, Остин рече дека војната на Украина против инвазијата на руските сили „ е важна за сите нас“.

„Сите ние имаме удел во осигурувањето дека автократите не можат да ги стават своите империјални амбиции пред основните права на слободните и суверени народи“, рече Остин.

Видете и ова: Уште помош од САД за Украина пред заминувањето на Бајден, најави Белата куќа

На состанокот Зеленски се залагаше за распоредување на западни трупи во Украина како еден од „најдобрите инструменти“ за „присилување на Русија на мир“.

„Нашата цел е да најдеме што е можно повеќе инструменти за да ја принудиме Русија да склучи мир. Верувам дека таквото распоредување на партнерски контингенти е еден од најдобрите инструменти“, рече Зеленски, осврнувајќи се на дискусиите за можното распоредување на западните трупи.

Зеленски рече дека сојузниците на Украина ќе мора повеќе да соработуваат кога новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе ја преземе функцијата, додавајќи дека новата администрација ќе донесе „нови можности“ за САД.

Видете и ова: Зошто Украина започна нова офанзива во Русија и зошто токму сега?

„Јасно е дека започнува ново поглавје за Европа и за целиот свет - за само 11 дена, време кога мораме уште повеќе да соработуваме, уште повеќе да се потпираме еден на друг и заедно да постигнеме уште поголеми резултати. Јас на тоа гледам како време на можности“, рече Зеленски.

Рамштајн е најголемата воздухопловна база надвор од Соединетите Држави и беше домаќин на слични состаноци откако Русија ја нападна Украина пред речиси три години.

На конференцијата Остин ги покани министрите за одбрана и високите воени лидери од земјите-членки на украинската Контакт група.