Предложениот претставник на САД во Украина вели дека Трамп сака рамноправен крај на војната

Претставникот за Украина и Русија, номиниран од Доналд Трамп изјави дека новоизбраниот американски претседател ќе ги земе предвид интересите на Киев кога ќе почне да работи на ставање крај на војната во Украина и дека ќе се обиде да обезбеди фер решение за двете страни, објави украинскиот сервис на РСЕ.

„Луѓето треба да разберат дека тој не се обидува да му даде нешто на рускиот претседател Владимир Путин или на Русите“, рече Кит Келог, пензиониран генерал-полковник кого Трамп го именуваше како свој пратеник да ги води преговорите за завршување на војната.

„Тој всушност се обидува да ја спаси Украина и да го зачува нејзиниот суверенитет. Тој ќе се погрижи тоа да биде фер и чесно, и тоа го кажа неколку пати“, вклучително и на украинскиот претседател Володимир Зеленски“, рече Келог во интервју за Фокс њуз.

Трамп за време на минатогодишната предизборна кампања рече дека би можел да стави крај на конфликтот во Украина во рок од 24 часа по преземањето на функцијата. Сега тој вели дека се надева дека ќе ги прекине борбите во рок од шест месеци.

„Се надевам на помалку од шест месеци“, рече Трамп на прес-конференција на прашањето дали може да ја реши војната во рок од половина година.

Видете и ова: Зошто Украина започна нова офанзива во Русија и зошто токму сега?

Келог рече дека би сакал уште пократка временска рамка од 100 дена од инаугурацијата на Трамп на 20 јануари.

„Работам на тоа. Тој исто така работи на тоа бидејќи сака да заврши (војната) што е можно поскоро. Знае дека е тешко, но тој е посветен на тоа“, вели Келог.

Келог одби да ја открие содржината на неговите разговори со Трамп за војната, велејќи дека повеќе информации ќе бидат објавени по инаугурацијата.

Видете и ова: Трамп: Мировните преговори за Украина би можеле да започнат наскоро по инаугурацијата

Тој посочи дека се поставуваат основите за разговорот меѓу Трамп и Путин.

„Ние ќе ги поставиме условите и тој ќе заврши во позиција каде што ќе разговара со Путин, а исто така и со претседателот Зеленски и мислам дека тие ќе дојдат до решение во блиска иднина“, рече Келог.

Келог не одговори на прашањето за одложување на патувањето што се очекуваше овој месец во Киев и во другите европски метрополи. Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха во средата најави дека посетата ќе биде одложена.

Претставникот номиниран од Трамп го критикуваше претседателот Џо Бајден дека не разговарал со Путин, велејќи дека поминале повеќе од две години откако разговарале. Трамп, од друга страна, подеднакво разговара со американските противници и сојузници, вели меѓудругото во интервјуто, Келог.