Прв случај на метапневмовирус во Грција

илустрација

Во Солун е потврден првиот случај на човечкиот метапневмовирус (ХМПВ) кај 71-годишен маж, кој е хоспитализиран. Како што јавуваат грчките медиуми, според грчките епидемиолози и министерот за здравство, нема простор за паника, бидејќи како што објаснуваат, станува збор за вирус познат над 20 години.

Грчките медиуми објавија дека мажот се заразил од неговата ќерка која била во Кина на одмор, каде што во моментов постои епидемија на метапневмовирусот.

Во интервју за грчката телевизија „Антена“ министерот за здравство Адонис Георгиадис рече дека „не постои никаква причина за загриженост“, бидејќи станува збор за познат вирус, но и објасни дека побарале темелна анализа на потврдениот случај за да видат дали можеби станува збор за сој што не е познат или дали има некои опасни карактеристики.

„Метапневмовирусот не е нешто ново, како што беше Ковид во 2019 година, кога започна од Кина. Станува збор за познат вирус кој напаѓа луѓе што со нарушено здравје или мали деца, кои сè уште немаат развиено имунитет“, објасни Георгиадис.

Видете и ова: Кина презеде превентивни мерки по појавата на респираторни заболувања

Професорот по епидемиологија на Медицинскиот факултет во Атина, Гикас Мајоркинис за државната телевизија ЕРТ посочи дека метапневмовирусот е „вирус за кој знаеме најмалку од 2001 година и за кој студиите покажаа дека кај луѓето постои со децении“ и дека засега, не е особено опасен, „иако може да одведе многу деца, како и луѓе кои припаѓаат на високоризични групи, во болница“.

Професорот објасни дека не постои вакцина или специфичен третман за ХМПВ, бидејќи се смета дека предизвикува релативно блага респираторна инфекција и не станува збор за сериозен вирус.