Блинкен: Русија има намера да обезбеди напредни сателитски технологии на Пјонгјанг

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен на заедничка прес-конференција со јужнокорејскиот министер за надворешни работи Чо Тае-јул по нивниот состанок во Министерството за надворешни работи во Сеул на 6 јануари 2025 година.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен на 6 јануари во Сеул изјави дека Русија планира да ја прошири технолошката соработка со Северна Кореја во замена за испраќање сили за помош на Москва во борбата против Украина.

„Северна Кореја веќе има корист од руската воена опрема и обука. Денеска имаме причина да веруваме дека Москва има намера да сподели напредни вселенски и сателитски технологии со Пјонгјанг“, рече Блинкен при прошталната посета на Јужна Кореја.

Блинкен рече дека позицијата на украинската армија во руската област Курск, каде што води офанзива од минатото лето, ќе биде „важна“ во контекст на можните мировни преговори меѓу Киев и Москва.

„Нивната (украинската) позиција во Курск е важна затоа што секако е фактор во какви било преговори што може да се одржат оваа година“, рече Блинкен на прес-конференција во Сеул, првата станица од прошталната турнеја што ќе го однесе и во Јапонија и Франција.

Видете и ова: Украина почна нова офанзива во рускиот регион Курск

Блинкен изрази уверување дека прекин на огнот во Појасот Газа може да се постигне пред 20 јануари или неколку дена подоцна, кога републиканецот Доналд Трамп ќе ја преземе функцијата американски претседател од Џозеф Бајден.

„Доколку не ја постигнеме целта во следните две недели, уверен сум дека може да се заврши во одреден момент, а кога ќе биде, ќе се базира на планот што го предложи претседателот Бајден“, рече американскиот државен секретар.

Блинкен го осуди лансирањето на ракетата на Северна Кореја во Јапонското Море на 6 јануари за време на посетата на Сеул.