Владата на Србија ја усвои Одлуката за формирање на Координативно тело со цел да се обезбеди сигурно снабдување со нафта и гас поради, како што е наведено, потенцијалното воведување санкции на САД врз нафтената индустрија на Србија (НИС) поради руска сопственост.
Во соопштението се наведува дека ова тело ќе ја насочува и координира работата и активностите на работните групи – за следење на активностите на Министерството за финансии на САД и Работните групи за преговори околу склучување договор за набавка и испорака на природен гас на Србија од Русија.
Претходно, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави за РТС дека на 10 или 13 јануари очекува документ од САД за воведување санкции за НИС поради руска сопственост.
Од 2008 година, руската државна компанија Гаспром нефт и нејзината чадор компанија Гаспром имаат мнозинска сопственост во НИС од 56,15 отсто, додека 29,87 отсто се во сопственост на Србија.
На 4 јануари, Вучиќ изјави дека американскиот потсекретар за економски раст, енергија и животна средина, Хозе Фернандез, му потврдил дека земјата ќе воведе директни санкции за НИС.
Видете и ова: Американски функционер потврди дека ќе има санкции за НИС, вели ВучиќНа 16 декември, американскиот Стејт департмент за РСЕ изјави дека Соединетите Држави „не најавуваат санкции јавно“, но дека „остануваат посветени на попречување на руското генерирање приходи и на набавките и финансиските мрежи што се користат за поддршка на нејзината војна против Украина“.
Американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, на 23 декември изјави за РТС дека нема најави дека ќе бидат воведени санкции кон НИС поради руска сопственост.
Тој тогаш рече дека постои загриженост за тоа дали НИС во руски раце на некој начин помага да се финансира војната во Украина и дека тоа се легитимни прашања што треба внимателно да се разгледаат.
И покрај обидите за диверзификација на изворите на снабдување од почетокот на руската инвазија на Украина, Србија сè уште е доминантно зависна од руските енергетски извори, а оваа зависност беше еден од клучните аргументи на официјален Белград да не воведе санкции кон Москва.