Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска (4 јануари) изјави дека американскиот потсекретар за економски раст, енергија и животна средина Хозе Фернандез му потврдил дека земјата ќе воведе директни санкции за српската нафтена индустрија (НИС).
„Ќе воведат санкции, не некои генерални, општи, не само финансиски, туку севкупни санкции против нашата компанија НИС. Тоа нема да бидат санкции против компании кои имаат руска сопственост или оние кои се финансирани од руски банки, туку ќе бидат директни санкции против нашата компанија НИС“, рече Вучиќ на владина седница.
Како што додаде, Вашингтон ќе и даде на Србија 30 дена „да ја процениме ситуацијата и да преземеме мерки, а во рок од 60 дена сè да завршиме“.
Тој повторно и предложи на Владата на Србија да формира два тима под координација на премиерот, со цел да се разговара со американската и руската страна.
Посочи дека Србија има добри врски со луѓе од администрацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и најави дека ќе побара средба со рускиот претседател Владимир Путин во втората половина на јануари.
Српскиот претседател соопшти и дека се сретнал со американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, со кој меѓу другото разговарал и за воведувањето санкции за НИС.
„Ги сумиравме настаните и резултатите од соработката од претходната година и разговаравме за натамошното унапредување на билатералните односи во различни сфери на општественото живеење, особено инфраструктурните проекти, како патните така и во енергетиката. Тема на разговор беше и воведувањето на санкции против НИС“ напиша Вучиќ на Инстаграм.
Да потсетиме, Вучиќ на 13 декември изјави дека САД „за неколку дена“ ќе воведат санкции против НИС поради руската сопственост во некогашната државна компанија.
Десет дена подоцна, американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил изјави дека „нема најави“ дека ќе бидат воведени санкции за НИС.
Хил тогаш за јавниот медиумски сервис изјави дека „има загриженост“ за тоа дали НИС во руски раце некако помага во финансирањето на војната во Украина и дека тоа се легитимни прашања што треба внимателно да се разгледаат.
Од 2008 година, НИС е во мнозинска сопственост на руската државна компанија Гаспром Нефт и нејзината чадор компанија Гаспром.
Европската унија и САД го ставија Гаспром Нефт на црната листа во 2014 година по руската анексија на украинскиот полуостров Крим. Гаспром не е опфатен со санкции од Западот.
Видете и ова: Вучиќ: Имав „отворен, искрен и тежок“ разговор со американскиот потсекретар за енергетикаИ покрај обидите за диверзификација на изворите на снабдување од почетокот на руската инвазија на Украина, Србија сè уште е доминантно зависна од руските енергетски извори, а оваа зависност беше еден од клучните аргументи на официјален Белград да не воведе санкции кон Москва.