Уште помош од САД за Украина пред заминувањето на Бајден, најави Белата куќа

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин на прес-конференција по состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина во Пентагон на 26 април 2024 година

Украина може да очекува повеќе најави за дополнителна американска безбедносна помош во наредните денови, изјави портпаролот на Белата куќа додека истекува мандатот на претседателот на САД, Џо Бајден.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, на вчерашниот (3 јануари) брифинг, зборувајќи за дополнителните најави за американска помош за Украина, не наведе ништо конкретно.

Најавите ќе следуваат по дополнителниот пакет воена и буџетска помош за Украина од 5,9 милијарди долари, објавен минатата недела од администрацијата на Бајден, поради загриженоста дека новата администрација под новоизбраниот претседател Доналд Трамп значително ќе ја намали или запре испораката на оружје за Украина, за да го принуди Киев да преговара за мировен договор со Русија.

Белата куќа во соопштението од 30 декември објави дека помошта вклучува дополнителен пакет од 1,25 милијарди долари за војската на Украина и пакет од 1,22 милијарди долари за Иницијативата за безбедносна помош во Украина.

Министерството за финансии подоцна на 30 декември информираше за посебна исплата на 3,4 милијарди долари за Украина како директна буџетска поддршка.

Бајден рече дека САД ќе продолжат да работат на зајакнување на позицијата на Украина во војната, но и покрај неговото ветување, пакетот од 5,9 милиони долари се смета за последен за време на неговата администрација, чиј мандат треба да заврши на 20 јануари со инаугурацијата на Трамп.

Видете и ова: САД објавија помош од 5,9 милијарди долари за Украина пред крајот на мандатот на Бајден

Кирби, исто така, најави дека секретарот за одбрана Лојд Остин ќе отпатува во Рамштајн, Германија на состанок на Контакт групата за одбрана на Украина на 9 јануари.

Тој претходно рече дека постои можност да се одржи уште еден состанок на групата пред Бајден да ја напушти функцијата.

Сабрина Синг, заменик-порпаролката на Пентагон, подоцна на 3 јануари потврди дека Остин ќе отпатува за Германија на 7 јануари за да присуствува на 25-тиот состанок на Контакт групата за одбрана за Украина.

Состанокот ќе ја „потврди нашата континуирана посветеност на Украина“, рече Синг на брифингот.

„Заедно со министрите за одбрана и воените лидери од целиот свет, секретарот Остин ќе се фокусира на обезбедување практична и координирана поддршка што ќе ја зајакне способноста на Украина да се брани денес и да ја одврати агресијата во иднина“.

Таа рече дека повеќе детали за распоредот на Остин ќе бидат објавени во наредните денови.

Запрашан за плановите за идните состаноци на контакт групата, Синг рече дека следниот министер за одбрана ќе одлучи дали да продолжи.

Таа додаде дека транзицискиот тим на Трамп досега се сретнал со 79 претставници на Пентагон за да разговараат за транзицијата кон новата администрација.

Тимот на Трамп не потврди дека неговиот пратеник во Украина, пензионираниот генерал-полковник Кит Келог, ќе отпатува за Киев во наредните денови. Ројтерс цитира два извори запознаени со планирањето на патувањата дека Келог ќе посети повеќе лидери во Киев.

Неговиот тим работи на организирање состаноци со лидерите во другите европски метрополи, како Рим и Париз, рекоа тие. Тој не планира да ја посети Москва за време на патувањето.

Се очекува состаноците да се фокусираат на утврдување факти во име на новата администрација, наместо на активни преговори, велат изворите.

Патувањето се смета за знак на итноста што Трамп, кој рече дека брзо ќе ја заврши војната во Украина по неговата инаугурација, ја постави за брзо завршување на војната.

Украина и другите европски земји беа скептични за тврдењето и се загрижени дека договорот постигнат со посредство на Трамп може да ја принуди Украина да ѝ отстапи територија на Русија во замена за мир.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во телевизиско интервју емитувано на 2 јануари рече дека „непредвидливоста“ на Трамп може да помогне да се стави крај на војната.

Зеленски рече дека верува оти рускиот претседател Владимир Путин се плаши од Трамп, кој би можел да биде „одлучувачки“ за крај на војната.

Со известување на Ројтерс