Руски напади со дронови врз повеќе региони во Украина

Експлозија е забележана на небото над Киев за време на напад на руски дрон, на 3 јануари.

Руските трупи ја нападнаа Украина со дронови доцна вчера (3 јануари), погодувајќи ги регионите на Житомир и Киев далеку од линијата на фронтот, објави Командата на воздухопловните сили.

Напади со беспилотни летала беа пријавени во регионот Житомир и во Бровари на периферијата Киев, каде што градоначалникот рече дека е активирана воздушната одбрана на градот.

„Силите за воздушна одбрана работат на непријателски [дронови] на левиот брег на главниот град“, изјави градоначалникот Виталиј Кличко.

Командата на воздухопловните сили соопшти дека беспилотните летала се движеле и во северниот дел на регионот Киев и во регионите Суми, Чернихив и Полтава, доцна на 3 јануари.

Предупредувањето за воздушен напад беше укинато во Киев, но остана на сила во северниот дел на регионот и во регионите Чернихив и Полтава.

Локалните власти, претходно на 3 јануари, соопштија дека едно лице загинало, а пет биле повредени кога три проектили погодиле станбена област во близина на Чернихив.

Фотографија објавена на социјалните мрежи од регионалниот гувернер на Чернихив, Вјачеслав Чаус, покажа скршена фасада на приватен дом.

Убиениот бил вонреден професор на Институтот за постдипломско образование, според Суспилне Чернихив. Локалните медиуми соопштија и дека куќата на 72-годишникот изгорела откако била погодена од руско гранатирање во март 2022 година. Оттогаш тој живеел во штала.

Видете и ова: Еден загинат, четворица повредени во руски напад на Киев

Пет лица беа повредени во претходен напад со беспилотно летало во регионот на Киев, а четворица беа повредени кога беше гранатиран градот Славјанск во близина на линијата на фронтот во регионот на Доњецк, соопштија официјални лица. Сите четворица се хоспитализирани. Меѓу повредените има и 2-годишно момче, чија мајка е повредена во нападот и е во тешка состојба, изјави градоначалникот Вадим Лијах.

Руските сили употребија водена воздушна бомба, која го погоди Славјанск околу 15 часот по локално време, изјави за РСЕ претставник на полицијата на местото на настанот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на платформата Х рече дека во првите три дена од 2025 година, Русија лансирала 300 беспилотни летала и речиси 20 проектили врз украински цели. Повеќето, рече тој, биле соборени или пресретнати и додаде дека во нападите имало загинати и повредени.

Дополнително, продолжуваат секојдневните напади со руски воздушни бомби.

Таквиот „руски терор“ бара и од нас и од сите наши партнери да не ги намалуваме напорите за зајакнување на нашиот штит за противвоздушна одбрана, рече Зеленски.

„Мораме постојано да ја надополнуваме нашата залиха на ракети за противвоздушна одбрана и постојано да ги подобруваме можностите на мобилните огнени групи“, рече украинскиот претседател, додавајќи дека Украина и нејзините партнери „се подготвуваат за состаноци и преговори следната недела за дополнително зајакнување на нашата воздушна одбрана“.

Во рускиот регион Курск, каде што украинските сили зазедоа делови од територијата откако започнаа упад во август, еден човек кој одеше по пат беше убиен во напад со дрон, рече регионалниот гувернер.

На запад, во руската област Брјанск, еден жител загина кога село во близина на границата беше под минофрлачки оган, додаде гувернерот.

Руските воени и локални официјални лица известија дека одбранбените системи собориле околу 10 украински беспилотни летала, вклучително и шест во областа Брјанск.

Генералштабот на украинската војска соопшти дека украинските одбранбени сили продолжуваат да ги одвраќаат обидите на руските трупи да напредуваат длабоко на територијата на Украина.

Според соопштението од 3 јануари вечерта, од почетокот на денот имало 138 борбени судири на фронтот.

Украинските трупи ги одбија руските напади во областа Харкив и во близина на Вовчјанск, додека во областа во близина на Купјанск, четири од шест напади беа одбиени. Имаше и напади во близина на Покровск, Торецк и Курахив.

Руските војници на 3 јануари, 10 пати ги нападнале позициите на украинската одбрана во областа Лиман, а една битка била во тек, соопшти Генералштабот.

Со известување на Ројтерс и ДПА