Трамп е против знамиња на половина копје на инаугурацијата

Доналд Трамп, 31 декември 2024 година

Новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп на 3 јануари се спротивстави на тоа американските знамиња да бидат спуштени на половина копје на денот на неговата инаугурација на 20 јануари.

Знамињата се така поставени во согласност со обичајот, во период од еден месец, во чест на починатиот поранешен претседател Џими Картер.

Претседателот Џо Бајден нареди знамињата да се спуштат на половина копје 30 дена по смртта на Картер на 29 декември, како што е вообичаено кога ќе почине американски претседател.

Трамп, кој рече дека планира да присуствува на комеморацијата на Картер во Вашингтон на 9 јануари, се спротивстави на тоа на 3 јануари во објава на Truth Social, објави Ројтерс.

„Сите демократи се ‘воодушевени' што нашето величествено американско знаме ќе биде на половина копје за време на мојата инаугурација“, рече Трамп.

Видете и ова: Трамп бара од Врховниот суд да се одложи забраната за ТикТок

„Тие мислат дека тоа е толку прекрасно и тие се толку среќни поради тоа затоа што, всушност, не ја сакаат нашата земја, тие само мислат на себе“, рече тој.

Трамп истакна дека поради смртта на Картер минатата недела, американското знаме „за прв пат ќе биде спуштено на половина копје за време на инаугурацијата на иден претседател“.

„Никој не го сака тоа и ниту еден Американец не може да биде среќен поради тоа. Ќе видиме како ќе испадне“, рече тој.

Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, рече дека Белата куќа нема намера да ја преиспитува таа одлука.