Во израелскиот напад врз Појасот Газа загинаа 11 луѓе

Реакција на палестинско момче по израелскиот напад врз седиштето на Министерството за внатрешни работи, управувано од Хамас, во Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа, 2 јануари 2025 година

Најмалку 11 луѓе, меѓу кои три деца, загинаа при израелски воздушен напад врз Појасот Газа, објави на 2 јануари цивилната одбрана на Газа, јавува новинската агенција Франс Прес.

Меѓу убиените е и шефот на полицијата на палестинското движење Хамас, кое САД и Европската унија го сметаат за терористичка организација.

„Единаесет лица загинаа, меѓу кои три деца и две жени, а 15 се ранети во бомбардирањето на шатори во кои се сместени раселените лица во областа Ал-Маваси, јужно од Појасот Газа“, се вели во соопштението.

Видете и ова: Палестинските власти го прекинаа емитувањето на катарскиот канал Ал Џезира

На 1-ви јануари, израелскиот министер за одбрана Израел Кац се закани дека ќе ги зголеми нападите врз Газа доколку Хамас продолжи да истрелува ракети кон Израел.

Палестинската новинска агенција ВАФА на 1 јануари објави дека најмалку 17 Палестинци биле убиени во израелските воздушни напади врз бегалскиот камп Буреиџ и градот Џабалија во Појасот Газа.

Во декември во Доха со посредство на Катар, Египет и САД се одржаа индиректни преговори за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас. Војната во Појасот Газа започна на 7 октомври 2023 година, со напад на Хамас врз Израел, кога, според израелските податоци, загинаа околу 1.200 луѓе, додека милитантите заробија 251 заложник.

Уште 96 заложници се во Појасот Газа, меѓу кои 34, според војската, се мртви.

Во израелските воени операции во Појасот Газа, според властите на таа територија контролирана од Хамас, загинале повеќе од 45.580 луѓе.