Руски Гаспром соопшти дека денеска (вторник) ќе испорача намалено количество гас во Европа преку Украина. Ова е последен ден пред истекот на договорот кој ја овозможуваше испораката на гас во текот на војната изминатите речиси три години.
Гаспром соопшти дека денеска ќе испорача 37,2 милиони кубни метри наспроти 42,4 милиони кубни метри кои ги испорача вчера.
Се очекува протокот да падне на нула во раните утрински часови на 1 јануари кога истекува петгодишниот договор за транзит. Прекинот на испораката го означува речиси целосното губење на некогаш моќното влијание што Москва го имаше на европскиот пазар со гас, пишува Ројтерс.
Поради војната, Украина одби да преговара за нов договор.
Видете и ова: Како ќе изгледа светот во 2025 година?Прекинот на транзитот на гас преку Украина ќе биде голем удар за Молдавија, земја која некогаш беше дел од Советскиот Сојуз. Од земјите во Европската унија, најпогодена ќе биде Словачка. Унгарија ќе продолжи да добива руски гас од југ, преку гасоводот Турски тек на дното на Црното Море, иако сакаше да ја задржи и украинската рута.
Украина пак, губи околу 800 милиони долари годишно од такси кои ги наплаќаше од Русија, додека руската компанија Гаспром ќе загуби 5 милијарди долари кои ги добиваше од продажбата на гас во Европа преку украинската рута.
Русија и Советскиот Сојуз потрошија половина век градејќи инфраструктура со која добија голем удел на европскиот пазар, кој достигнуваше и до 35 отсто. Меѓутоа, војната во Украина го уништи овој бизнис на Гаспром.
Во 2023 рускиот гасен гигант имаше нето загуба од 7 милијарди долари, што беше негова прва загуба од 1999 година.